Општина Пустец четири дена во мрак, реагира МАЕИ

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) реагира во врска со прекинот на електричната енергија во општина Пустец.

Според партијата, поради невремето и снежните врнежи кои наврнаа деновиве, областа Преспа, општина Пустец е во мрак веќе четири дена.

– Недостигот на електрична енергија го отежна секојдневниот живот на жителите од македонската заедница во општина Пустец. Вработените во Операторот за дистрибуција на електрична енергија кои служат во општина Пустец се обидуваат да ги санираат дефектите и да ја вратат електричната енергија во областа, но наидуваат на потешкотии поради планинскиот терен каде што минува главната линија што го снабдува преспанското подрачје од трафостаницата Билишта, стои во реакцијата на МАЕИ.

Партијата апелира до надлежните да преземат дополнителни мерки за надминување на состојбата.

– Македонска алијанса за европска интеграција ја повикува Регионалната дирекција на Операторот за дистрибуција на електрична енергија Корча да ангажира работни групи со вработени од други области на Корча, кои ќе им помогнат на вработените во Операторот за дистрибуција на електрична енергија кои работат во општина Пустец, со цел отстранување на дефектите и што побрзо враќање на електричната енергија во сите села од општина Пустец, бара МАЕИ.

Со оглед дека поради амортизираната мрежа во општина Пустец се чести прекините во снабдувањето со електрична енергија, МАЕИ бара од Регионалната дирекција на Операторот за дистрибуција на електрична енергија – Корча во најкраток можен рок да ја замени главната електрична мрежа и со човечки ресурси да го дополни тимот што ја опслужува оваа област со зголемување на бројот на стручни лица.

© Македониум