Стојков: Очигледно е дека македонското малцинство многу смета на бугарската национална елита

Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија е нереципрочен и нерамноправен договор. Македонија во тој договор е во нерамноправна положба. Тоа не е Договор за добрососедство, туку инструмент за бугарска уцена на македонските евроинтегративни процеси, уцена за постигнување на националистичките барања на Бугарија, вели Стојко Стојков, копретседателот на ОМО Илинден Пирин, нерегистрираната партија на Македонците во Бугарија во интервјуто за јутјуб каналот на здружението на граѓани Нов АСНОМ.

Стојков смета дека бугарското оспорување на Македонија ќе продолжи и ако се прифати барањето на Софија во македонскиот Устав да влезат и Бугарите.

„Тоа нема да значи крај на оспорувањето на Македонија од страна на Бугарија. Бугарија бара редефинирање македонската нација на пробугарска основа. Тоа е така поставено уште во 1963 година од Живков. За нив македонскиот јазик е бугарски, македонската култура е бугарска, нема Македонци пред 1944 година, македонска нација има само во Република Македонија и таа е на пробугарска основа. Сите нивни барања се ненаучни и спротивни на вредностите на ЕУ. Затоа и ја немаат меѓународната поддршка. Ако Македонија сама се откаже од својот идентитет, тогаш за ЕУ ќе нема никаков проблем, тоа за Европа ќе биде самоопределување, сопствена одлука“, смета Стојков.

Тој вели дека не случајно е последното барање на Бугарија за тоа Бугарите да влезат во македонскиот Устав, затоа што сите нивни претходни барања во однос на историјата, јазикот… наидоа на лош прием кај меѓународната заедница.

„Сите овие историски барања на Бугарија се апсурдни. Ненаучни. Бугарија сфати дека не може да ја оправда таквата своја позиција. И затоа се префрлија на човековите права и се измисли оваа приказна со наводните проблеми на Бугарите во Македонија. Во извештаите за човековите права на меѓународните организации изработени во последните 20 години никаде не се споменува проблемот на Бугарите во Македонија. Никаде. Но затоа, во сите тие извештаи се нотирани сериозните проблеми што ги има македонското малцинство во Бугарија. Бугарите сакаат да бидат дел од македонскиот Устав, но тоа нема никаква врска со некакви права, тоа е привилегија. Во бугарскиот Устав не се споменува ниту едно малцинство, тука нема малцинства, а бараат Република Македонија да ги стават Бугарите во Уставот. Мора да измислат нешто за да ја оправдаат блокадата на Македонија во преговорите со ЕУ и да ја натераат Македонија да прави отстапки, а целта е една – детсрукција на македонскиот идентитеt. Бугарија вели дека не постои македонско малцинство во Бугарија и дека тие немаат посебен јазик. Ако се признае постоењето на јазикот, тогаш и тие ќе треба да го признаат македонското малцинстрво кое зборува на тој јазик. И во пограничните области. Тоа дава основа да се бараат правата за македонско малцинство. Барањето да се признае дека македонската нација настанала после 1944 година е директно насочено против македонското малцинство во Бугарија. Логиката е едноставна – после 1944 не можело тоа малцинство да се формира во рамки на друга држава, Бугарија. Сè што бара Бугарија, всушност, индиректно е насочено против македонското малцинство во Пиринска Македонија. Очигледно е дека македонското малцинство многу му смета на бугарската национална елита.

Какво е чувството како организација да бидете оставени сами на себе и што сметате за акуелната политика на македонската власт во однос на Македонците и во Грција и во Бугарија?

„Ова не е нешто ново. И претходните македонски власти ништо не правеа во однос на македонското малцинство во Грција и во Бугарија, иако тоа беше и уставна обврска. Сега кај нас револтот е уште поголем затоа што сега се прават чекори Македонија и јавно да се откаже и да каже дека такво малцинство не постои. Тоа е една голема навреда за сите нас. Да кажат дека не постоиме. Македонија јавно да се откаже. Тоа е огромна навреда. Имаме членови кои биле затворани, маргинализирани во бугарското општество во борбата за правата на Македонците, за Македонија. Тоа е најболното нешто. Помош нема. Сета таа борба денес се крепи само на инаетот на Македонците, на нивната воља која е единственото нешто што го држи во живот ова движење“.

Македонците во Бугарија пред Меѓународниот суд за човекови права досега има добиено 14 пресуди кои се однесуваат на правото да регистрираат македонски организации во Бугарија и на правото на мирни протести.

„Не се 14, затоа што се работи за поединечни случаи кои се повеќе од 50, ама сега така се групираат. Ниту една пресуда не е спроведена. ОМО Илинден Пирин еднаш беше регситрирана, па избришана, забранета. Бугарија е под засилен мониторинг по овие пресуди кои не се спроведуваат. Се надевам дека наскоро и конечно ќе се тргне забраната за регистрација на македонските организации на бугарските државјани со македонска самосвест“, вели Стојков и додава дека нивната борба преку Алијансата на малцинските партии во Европа ЕФА продолжува во Европскиот парламент, преку судот во Стразбур и преку државните институции во Бугарија.

https://www.mkd.mk/makedonija/politika/stojkov-ochigledno-e-deka-makedonskoto-malcinstvo-mnogu-i-smeta-na-bugarskata