Избран Националниот совет на Македонците во Србија

Македонското национално малцинство, заедно со останатите малцинства во Србија, вчера ги избраа членовите на новиот Национален совет.

На електорското собрание, кое што се одржа во Собранието на Република Србија во Белград, 77 од вкупно 79 верификувани електори ги избраа новите 23 члена на Македонскиот национален совет,

Листата на актуелниот претседател на Советот Борче Величковски оствари апсолутна победа, а воедно тоа беше и единствена листа што се кандидираше, па така предложените 23 електори ќе ги имаат сите места но новиот мандат на Советот. Гласањето се одвиваше тајно, а по пребројувањето на гласачките ливчиња, од 68 присутни електори, 61 ја подржаа листата на Борче Величковски, додека 7 беа неважечки. Изборите ги спроведе Републичката изборна комисија, а истите беа набљудувани од претставници на ОБСЕ и ЕУ.

Нови членови на Советот избрани се: Борче Величковски, (Панчево), Никола Кипровски (Пландиште), Зорица Митровиќ (Белград), Благоја Соколовски (Јабука), Добре Трајковски (Јабука), Љиљана Најдовска (59, Качарево), Озрен Симјановски (Суботица), Иван Митровски (Панчево), Маре Каранфиловиќ (Лесковац), Душан Жилевски (Јабука), Пеце Ристески (Врање) Ивана Цветковиќ (Лесковац), Дарко Ристески (Вршац), Новица Дукадиновски (Панчево), Ангелина Орбовиќ (Белград), Ило Михајловски (Чачак), Предраг Коруноски (Белград), Илинка Ражнатовиќ (Белград) Благоја Илијевски (Ниш), Драгољуб Костовски (Нови Сад), Снежана Станковска (Јабука), Славе Груевски (Рудник), и Ѓорѓе Михајловски (59Јабука).

Конститутивното собрание на новоизбраните членови на Националниот совет, според закононскиот рок од 30 дена, треба да изберат претседател и стручни тела на Советот.

Националните совети се државна институција, преку која малцинствата во Србија ги остваруваат правата во областа на културата, образованието, информирањето и службената употреба на јазикот.

Ова е четврти Национален совет на македонското малцинство во Србија.

Во Србија, според последниот попис од 2011 година, за разлика од минатите години, бројот на Македонци опаѓа, односно 22.755 лица се изјасниле како припадници на македонската националност, што е околу 0,32 отсто од вкупниот број жители во Србија. Од оваа бројка само 8.000 Македонци изразија подготвеност да се запишат во посебниот избирачки список и да гласаат за новиот состав на Националниот совет.

Според неофицијалните проценки, во Србија живеат над 150.000 Македонци. (Македониум)