УЛТРАНАЦИОНАЛИСТИЧКАТА АЛБАНСКА ЦРВЕНО-ЦРНА АЛИЈАНСА УПАДНА ВО МАЛА ПРЕСПА!

Триесетина активисти на албанската ултранационалистичка партија Црвено-црна Алијанса, со автобус и возила, заедно со дваесетина албански медиуми, што наведува на заклучок дека постоел претходен договор за поширока медиумска агресија врз Македонците во Албанија, на 16 ноември 2012 година во 11 часот упаднаа во дворот на општината Пустец, во средното училиште во Пустец за  време на наставата и во повеќе села во областа Мала Преспа. Демонстрантите извикувале пароли “Ова е Албанија“, “Ова е албанска земја“, “Надвор од Албанија“, што видно го вознемирило месното македонско население и учениците во средното училиште.
Мета на албанските неофашисти биле сообраќајните знаци и уличните информативни табли, врз кои лепеле налепници “Ова е Албанска земја“.

Поради воздржаност на Македонците од поголеми инциденти, избегнати се физички пресметки. Иако градоначалникот на општина Пустец ја известил полицијата, таа дојде дури после четири дена, откако преставниците на меѓународните институции во Албанија побараа информација за овие инциденти.


– Најостро го осудуваме упадот на ултранационалистите од Црвено-црната Алијанса во Албанија во општината Пустец и областа Мала Преспа, чија цел на демонстрација беше јавен притисок и психички терор врз Македонците со навредливи националистички пароли. Најстрашното е што беа добро организирани и следени од сите медиуми во Албанија, заедно дојдени, речиси дваесетина медиуми со камери, кои ги придружуваа во овој вандализам. Сметаме дека и присуството на албанските медиуми е дел од овој организиран упад во Мала Преспа. Има индиции дека оваа демонстрација е организирана од државата заради притисок врз македонското население и институциите на општина Пустец. Ги известивме канцеларијата на ОБСЕ во Тирана, Државната комисија за антидискриминација и комесарот за антидискриминација, Народниот Првобранител, Владата, Парламентот, Претседателот на државата, како и странските амбасади . Вчерашната демонстрација е сериозен упад врз правата и слободите на граѓаните на Албанија и малцинските права на Македонците, – изјави градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко.

Изненадуваат вестите на албанските медиуми кои ја следеа демонстрацијата на ултранационалистичката Црвено-црна Алијанса и вознемируавњето на Македонците во Мала Преспа, затоа што објавија дека сите улични табли и сообраќајни знаци биле испишани само на македонски јазик, иако видно е дека сите се напишани и на албански и на македонски јазик, со претходна дозвола на надлежните власти.

Општина Пустец е населена со 100% македонско население и е призната како малцинска област на македонското малцинство во Албанија од 1945 година.

Врз основа на Меморанумот за Соработка помеѓу Институцијата на Префектот на Округот Корча и општина Пустец, потпишан на 15.11.2005 година, за соработка на полето и почитувањата на правата на малцинствата во Албанија, двете институции се ангажираат за спроведување на правото на употреба на мајчиниот јазик на македонското малцинство. Врз основа на овој Меморандум, општина Пустец се ангажира да ги постави месните традиционални топонимии, имињата на улиците, плоштадите и други топографски показатели за јавноста, освен на албански јазик и на македонски јазик.

Овој Меморандум е потпишан во рамки на процесот на Асоцијација-Стабилизација на Албанија во ЕУ, и од обврските кој ги има превземно со Планот за акција, за постигнување на највисоките стандарти што се однесуваат до почитувањето и заштита на правата на малцинствата како и на подршка на членовите 3, 15, 20, 112/2 од Уставот на Република Албанија, членот 11 од Рамковната Конвеција на Советот на Европа “За заштита на националните малцинства”.

И општина Пустец, поаѓајки од фактот дека општината е прогласена за туристичко подрачје како и територијата на општина Пустец се совпаѓа со територијата на Националниот Парк Преспа, има донесено одлука патната и ориентирачката сигнализација да биди на три јазици, албански, англиски и македонски.

– Од албанските власти бараме казна за сторителите на овој вандализам на ултранационалистите од Црвено-црната Алијанса кои ги осквернација информативните табли во средното училиште, болницата и по улиците, како и сообраќајните знаци во општина Пустец, – изјави претседателот на Унијата на млади сили на Македонската партија во Албанија, Васил Стерјовски.

 

Алеанца на Црвено-црните: Акцијата во Пустец, против асимилацијата на националните симболи

Од Алеанца на Црвено-црните го оправдуваа овој вандализмот со фактот дека во Пустец живеат преставници на македонската заедница и затоа сите информативни и собраќајни табли се напишани само на македонски јазик.

“Алеанца на Црвено-црните смета дека е неприфатлив фактот што во општина Пустец во Округот на Корча, информативните табли на патиштата и институциите не го содржаат албанскиот јазик, кој е официален јазик на Република Албанија. После констатацијата на овој ни малку законски факт, Алеанца на Црвено-црните отиде во општина Пустец да го постави на вистинско место достоинството на националните симболи. Десетина активисти на Алеанца Црвено-црни движејки се низ општина Пустец, поставуваа на информативните табли и на институциите во ова општина, налепници каде пишуваше ”Ова е албанска земја”- се вели во соопштението на Алеанца на Црвено-црните.


Шекули”: Алеанца на Црвено-црните како Златна Зора во Грција ги напаѓаат малцинствата

Колку што се приближуваат изборите, членовите на „Црвено-црни“ повеќе ја заоструваат реториката и почнаа, како и грчките ултранационалисти од Златна зора да ги малтретираат припадниците на малцинствата. Поголема група беше во неколку населени места во околијата Корча, а потоа и во Пустец, Мала Преспа, место населено само со Македонци, пишува албанскиот весник „ Шекули “.

 
Бериша му вети на Груевски дека вакви настани во иднина нема да се повторат

Премиерот на Македонија, Никола Груевски за време на посетата што ја оствари со албанскиот премиер Сали Бериша во Тирана на 23 ноември 2012 година, побара објаснување за инцидентите во Пустец со припадниците на Алеанца на Црвено-црните. Според доверливи извори до кој дојде весникот Македониум, од негова страна, албанскиот премиер Бериша изрази загриженост во врска со овие настани и рекол дека не треба да се очекуваат во иднина вакви настани.

Ова демонстрација на ултранационалистите во Преспа ја осуди и Светскиот Македонски Конгрес.(Македониум)