СЕМАКЕДОНСКИ СОБОР ВО МЕЛНИК ЗА ПИРИНСКИОТ ЦАР

24 април 2016 година, Мелник, Бугарија – Во градот Мелник се одржа традиционалниот Семакедонски собор во чест на големиот македонски револуционер Јане Сандански – Пиринскиот Цар.

Мелник
Организатори на Семакединскиот собор годинава беа ОМО Илинден – ПИРИН, Австралиско-македонскиот комитет за човекови права, Македонското меѓународно движење за човекови права (Канада), весникот “Народна волја“, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија, ТМО Независна Илинден, билтенот “Македонски глас“, Македонскиот дискусионен клуб, Правозаштитениот комитет “Толерантност“, КПД “Никола Вапцаров“ и КПД “Цар Самуил“.
На Соборот дојдоа Македонци од сите краишта на Пиринска Македонија, од внатрешноста на Бугарија (Софија и Шумен), од многу места од Република Македонија (Штип, Берово, Радовиш, Прилеп, Битола, Скопје и Тетово), како и од Албанија.
Мелник 1
Соборот го отвори Бојан Бибишков, со полагање цвеќе пред Споменикот на вијводата во име на организаторите и гостите, проследено со едноминутно молчење во знам на почит на името и делото на Јане Сандански.
Организаторите и гостите им оддадоа почит на сите загинати Македонци за ослободувањето и државноста на Македонија и на Јане Сандански, со полагање свежо цвеќе на неговиот споменик во Мелник.
Јане Сандански, е познат како Пиринскиот цар, Сандан-паша и Старикот, роден е во село Влахи, Пиринска Македонија на 18 мај 1872 година. Јане Сандански е истакнат македонски револуционер, војвода и раководител на Македонската револуционерна организација.
Васил Стерјовски
На 10 април 1915 година, кај месноста Блатата, била поставена заседа во која бил убиен. Јаневото тело било пронајдено од еден караван, по што било пренесено во Роженскиот манастир. Неговите останки се наоѓаат во црквата Св. Св. Кирил и Методиј до Роженскиот манастир над градот Мелник.
Прва присутните ги поздрави Ана Миранда, европратеник и заменик претседател на Европската слободна алијанса. Таа ја изрази својата поддршка на ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН и за Македонците во Бугарија.
Од името на Македонската алијанса за европска интеграција од Албанија, Соборот го поздрави Васил Стерјовски. Потоа поздравен говор имаше пртставник на Виножито – Партија на Македонците во Грција. Соборот го поздрави и Александар Поповски од Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија со седиште во Битола, како и претставници на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Радовиш, Тетово и Штип. На Соборот присуствуваа и делегации на Народното движење за Македонија и Сојузот на воените инвалиди на Македонија. Со поздравни телеграми Соборот го поздравија Светскиот Македонски Конгрес и Македонската заедница во Хрватска.
Прославата продолжи со народни песни и ора изведени од Младинскиот ансамбал “Јане Сандански” од Ново Село, Македонија, со пеачи од Штип, Разлог (групата “Пирински глас”) и Гоце Делчев. Присутните ги забавуваше оркестарот “Македонија” од село Мосомоште.
Делегација на ОМО “Илинден” ПИРИН и гостите положија цвеќе и на гробот на Јане Сандански под Роженскиот манастир. (Македониум)