Учесниците на Школата за млади лидери во посета на Општина Пустец

Учесниците на шестата по ред Школа за млади лидери, на 23 август, ја посетија Општина Пустец, Република Албанија, каде што се сретнаа со градоначалникот Едмонд Темелко, со членовите на администрацијата и со жителите на оваа општина.

Mladi lideri
Пред младите лидери беше претставена работата на општината, предизвиците со коишто оваа локална самоуправа се соочува во својата работа, предностите и недостатоците, но и потенцијалот со којшто располага. По одржаните презентација, младите лидери, преку практична работилница, заедно со своите ментори предложија одржливи решенија за претставените проблеми, а предлог-проектите дополнително ќе бидат доставени до градоначалникот на општина Пустец.
- Овие средби се од големо значење, бидејќи преку нив се афирмира состојбата во Општина Пустец, но и исто така се дава придонес на целокупниот социоекономски развој на оппштината, за во иднина. Општина Пустец, со новата територијална поделба во Република Албанија доби нов статус, преку кој се надеваме на повеќе добри можности, кои ќе ја отворат општината. Повеќе од потребни ни се вакви презентации и посети за запознавање, со цел нудење можности за отворање на општина Пустец, како и за аплицирање на проекти во меѓународни фондации и институции, кои делуваат во овие простори и региони, истакна градочалникот Темелко.
Елена Велковска учесник на Школата за млади лидери изјави дека целта на посетата беше да се запознаат со градоначалникот, со советниците, и со начинот на живот на македонскиот народ во општина Пустец.
- Преку нашата посета, дознавме дека иако општината има поддршка од ЕУ фондовите, потребен им е човечки кадар за реализирање и изготвување на проектите и апликациите за грантовите во рамки на фондовите. Заради тоа се надеваме, дека преку нашите идеи, ќе допринесеме за унапредување на општината, и дека некој од нашите предлог-проекти ќе биде реализиран во иднина, истакна Велковска.
Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Иванов. Досега се организирани пет интензивни тренинзи за лидерство – вo 2010, 2011, 2012, 2013 и 2014 година. Идејата на претседателот Иванов е да се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.
Програмата на школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби
Во изминатите пет години на школата учествуваа 200 млади луѓе и над 120 предавачи, меѓу кои генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешката Република и на Република Србија, Вацлав Клаус и Борис Тадиќ, претседателите на Светската и Европската академија на науките и уметностите, Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и многу амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети. (Македониум)