Европската иднина нѐ обединува – Претседателот Иванов се сретна со албанскиот државен врв

Република Македонија и Република Албанија имаат заедничка иднина. Со поинтензивна економска соработка, негување на добрососедските односи и заемна доверба ќе се обезбеди европска иднина и подобар стандард за своите граѓани, но и капацитет за заеднички одговор на актуелните предизвици, порачаа претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани по средба во Тирана на 2-ри април 2015 година во рамки на дводнената официјална посета на претседателот Иванов на Република Албанија.

„Очекувам да се интензивира соработката на сите нивоа, да се подобруваат состојбите во сите сфери на заеднички интерес затоа што живееме во време кое носи многу предизвици и од безбедносен и од геополитички карактер, кога се отвораат многу прашања кои бараат заеднички одговор и настапување. Како две соседни земји заедно да настапуваме и кон безбедносните ризици и кон перспективите и развој на економијата и инфраструктурата”, порача претседателот Иванов.

Македонија и Албанија, истакна претседателот Иванов, ги обединува иднината и имаат цел да бидат дел од Европската унија.

„Не го правиме тоа за да угодуваме на администрацијата во Брисел, туку нашите граѓани да ги уживаат сите европски стандарди и принципи во нивниот секојдневен живот”, рече претседателот Иванов.

Од својот албански колега побара поддршка за членството на Македонија во НАТО.

„И Македонија и Албанија заедно тргнаа кон НАТО, но Македонија беше блокирана и тоа, според одлуката на Меѓународниот суд во Хаг, на нелегален начин. Нашиот јужен сосед ја блокира интеграцијата во НАТО, а истото сега го прави и нашиот пат кон ЕУ. Затоа ја очекуваме албанската поддршка и помош за Македонија да го добие она што го заслужува – да биде членка на НАТО”, потенцира претседателот Иванов.

Со неговиот албански колега не се задоволни од економската соработка, бидејќи, како што рече, не доликува две соседни држави да имаат трговска размена од само 120 милиони евра на годишно ниво, со суфицит на македонската страна, а Албанија не е ниту во групата на првите 20 држави најголеми трговски партнери на Македонија.

„Тоа укажува дека е неопходно овие односи на пријателство и соработка што ги градиме на највисоко ниво да се симнат меѓу нашите бизнис заедници. Пред нас е период кога ќе има големи инфаструктурни проекти кои ќе помогнат да ја менуваат нашата реалност”, укажа претседателот Иванов.

Зголемувањето на трговската размена, порача, ќе придонесе и за поголема доверба меѓу населението.

Претседателот Иванов оцени дека Македонија како независна држава гради сосема поинаков однос кон Албанија и прашањата на Албанците во Македонија и очекува ист третман и на Македоците во Албанија. Македонија, потенцира, во изминатиот период направила многу во почитување на правата не само на албанската, туку и на сите заедници. Со Охридскиот договор, како што рече, е воспоставен инклузивен политички систем кој ги вклучува сите различности од Македонија.

„Очекуваме навистина и Албанија да овозможи Македонците што живеат во Албанија на територијата на целата држава да ги уживаат правата кои што ги уживаат на територија на една општина. Бидејќи тоа се европски стандарди и не треба кон другите да гледаме како нешто што не одвојува, туку на нешто што не спојува и ја јакне меѓусебната довреба’, нагласи претседателот Иванов.

Албанскиот претседател ја повтори поддршката за членство на Македонија во НАТО што, како што рече, Албанија го очекува со задоволство бидејќи е во интерес на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот.

„Со задоволство го очекуваме наоѓањето на компромисот и решавањето на спорот со името бидејќи ова би го деблокирало и членството на Македонија во НАТО”, рече претседателот Нишани, потенцирајќи дека Македонија заслужува членство во Алијансата.

Според претседателот Нишани, албанската заедница во Македонија и македонската во Албанија треба да бидат мост на разбирање и соработка меѓу двете држави.

„Сите треба да придонесуваме за намалување на степенот на недоверба и предрасуди помеѓу двете населенија со цел да се избегнат меѓуетничките тензии кои често се палат од мали инциденти кои се од различен карактер”, порача албанскиот претседател и додаде дека меѓуетничките односи во Македонија имаат посебна улога за мирот и стабилноста на западен Балкан.  западен Балкан.

Во однос на македонското национално малцинство во Албанија рече дека албанските институции последователно во согласност со Уставот, конвенциите за човекови права и Рамковната конвенција за заштита на малцинствата работат и ќе продолжат да работат за гарантирање на сите права ова малцинство да го заштити јазикот, културата и националниот идентитет.

„Сакам да ви гарантирам дека овие меѓународни конвенции ги одредуваат стандардите, кои се следат од меѓународни организации, почнувајќи од ЕУ, Европскиот совет и сите организации за човекови права. Сакам да ви гарантирам дека албанските власти секогаш остануваат подготвени и заинтерсирани за да ги понудат сите права коишто им припаѓаат на сите малцинства вклучувајќи го и македонското во согласност со меѓународните стандарди коишто се прифатени со овие конвенции”, рече претседателот Нишани во одговор на нованиарско прашање.

Покрај за потребата од поттикнување на владите и сите институции за поголема економската соработка која се уште не е на нивото на политичката, Нишани и Иванов укажаа и на заедничките можности и проекти во инфрструктурата, енергетиката, туризмот и координирано заедничко користење на речните и езерските води.

Претседателот Иванов, кој беше во втора официјална посета на Тирана, беше придружуван од сопругата, г-ѓа Маја Иванова. Во состав на македонската делегација беше и министерот за одбрана, г. Зоран Јолевски.

Средби на претседателот Иванов со претседателот на Владата на Република Албанија, г. Еди Рама, со претседателот на Собранието на Република Албанија, г. Илир Мета, со Градоначалникот на Тирана, г. Љуљзим Баша и со Поглаварот на Албанската Православна Црква, архиепискот Анастасиј Јанулатос.

Политичкиот дијалог меѓу Македонија и Албанија на сите нивоа е континуиран и плоден, а инфраструктурното поврзување ќе ја зајакне економската соработка, поради што фокусот во иднина треба да биде реализација на инфраструктурни проекти.

Ова е оценката од средбите во Тирана на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов со албанскиот премиер и со претседателoт на албанското Собрание г. Еди Рама и г. Илир Мета.

На средбите со г. Рама и со г. Мета, во рамки на официјалната посета Република Албанија, е констатирано дека стратешки приоритети во билатералната соработка меѓу двете земји се продлабочување на економската соработка и промоција на стопанските потенцијали, реализација на инфраструктурите проекти, значајни за двете земји и регионот, обезбедување енергија, поефикасно искористување на европските фондови и соработка во сферата на безбедноста.

Неопходно е, истакна претседателот Иванов, натамошно интензивирање на соработката меѓу двете земји на владино и на парламентарно ниво, преку иницирање проекти и иницијативи од заемен интерес. На средбата на претседателот Иванов и премиерот Рама е нагласена неопходноста од инфраструктурно поврзување, не само меѓу Република Македонија и Република Албанија, туку и на патно и енергетско поврзување на целиот регион. Со инфраструктурните поврзувања, оцениле, ќе се олесни и економската соработка меѓу двете земји.

На средбите е договорено соработката меѓу двете соседни земји и билатерално, но и во рамки на регионалните иницијативи, да продолжи со фокусирање на инфраструктурните проекти.

На средбите е разговарано и за севкупните состојби во регионот, од аспект на неговата европска перспектива. Претседателот Иванов во тој контекст истакнал дека евроинтеграцијата на државите од регионот е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој и изразил очекување да продолжи заемната поддршка меѓу Македонија и Албанија на тој пат. Се заблагодарил за досегашната поддршка од Албанија за аспирациите на Македонија за членство во НАТО и изразил очекување за таа да продолжи.

На средбите се разменети мислења за актуелните состојби и предизвици на регионот, како и за соработката и во други сфери од взаемен интерес, вклучувајќи ја соработката на мултиратерален план.

Во рамки на официјалната посета на Република Албанија, претседателот Иванов се сретна и со Градоначалникот на Тирана, г. Љуљзим Баша.

Претседателот Иванов и градоначалникот Баша размениле мислења за севкупните односи меѓу двете држави, на политички и економски план, како и за европската перспектива на земјите од регионот. Констатирано е дека интеграциите ќе донесат стабилност и просперитет на земјите од регионот.

Претседателот Иванов и градоначалникот Баша разговарале и за актуелните политички и економски состојби во Македонија и во Албанија.

Во Тирана претседателот Иванов оствари средба со Поглаварот на Албанската Православна Црква, архиепископот Анастасиј Јанулатос. Претседателот Иванов на архиепископот Анастасиј му пренесе поздрави од поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан и беа разменети мислења за актуелностите поврзани со македонската црква. (Македониум)