Потпишана програмата за културна соработка меѓу Македонија и Албанија: Посебна програма за културата на Македонците во Албанија

Министерката за култура Елизабета КанческаМилевска на 17 март 2015 година во рамките на еднодневната работна посета на Албанија, оствари билатерална средба со албанската колешка Мирела Кумбаро . На средбата, министерките за култура ја потпишаа Програмата за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Република Албанија за периодот 2015–2020 година.

Канческа-Милевска и Кумбаро изразија задоволство од односите во областа на културата меѓу двете земји и се согласија дека со потпишувањето на Програмата за културна соработка се отвораат многу нови можности за размена на проекти меѓу институциите.

На средбата, на која присуствуваше и државниот секретар во Министерството Бехиџудин Шехапи, стана збор и за развивање на конкретни заеднички проекти од областа на културното наследство и прекуграничната соработка коишто би можеле да се понудат за финансирање од ИПА-фондови во рамките на актуелната финансиска помош од Европската Унија.

Беше договорено во наредниот период да биде формирана и заедничка експертска група за реставрација и конципирање на впечатлива етнолошка поставка во Музејот на албанската азбука во Битола, каде што е презентиран значаен сегмент од албанската историја.

Двете министерки за култура се договорија и за поголема поддршка на културните активности на Македонците кои живеат во Република Албанија. Канческа-Милевска на својата албанска колешка и го презентираше и проектот за поддршка на странски издавачи и ја истакна важноста од преведувањето на значајни македонски дела кои би се нашле пред читателската публика во Република Албанија.

Министерката за култура ја акценираше и соработката меѓу двете земји во областа на издавачката дејност и потсети дека издавачи од Македонија традиционално се претставуваат на Меѓународниот саем на книгата во Тирана.

Канческа-Милевска ја запозна својата албанска колешка и со многубројните инвестиции на Владата на Република Македонија во областа на културата, меѓу кои и проектот за реконструкција на Албанскиот театар во нашата земја, чие целосно завршување се очекува до крајот на годинава. На средбата беше нагласена и добрата соработка меѓу институциите од областа на културата во две земји, особено меѓу Агенцијата за филм на Република Македонија и Националниот филмски центар во Албанија, кои имаат континуирани активности во насока на размена на искуства, знаења и практики кои придонесуваат за развој на филмската дејност.

Во наредниот период се планира и продолжување на соработката меѓу двете земји за копродуцирање преку принципот на реципроцитет. (Македониум)