ОТКРИЕНА БИСТА НА МАКЕДОНСКИОТ ПИСАТЕЛ СТЕРЈО СПАСЕ И ОДРЖАН МАКЕДОНСКИОТ ФОЛКЛОРЕН ФЕСТИВАЛ ПРЕСПА 2014!

Вчера на 14 август 2014 година, во село Глобочени, општина Пустец, областа Мала Преспа, Република Албанија, се одбележа значаен јубилеј - 100 години од раѓањето на Стерјо Спасе, Македонец, кој живееше и твореше во Албанија.

Сред село Глобочени, пред голем број на Глобоченци и Македонци од Албанија и Македонија, беше откриена бронзена биста на Стерјо Спасе. Бистата е донација на скулпторката Валентина Стевановска, а леењето е на МАКСТИЛ а.д. Скопје. На откривањето на споменикот на Стерјо Спасе, пригодно обраќање имаше неговиот син Илинден Спасе кој и денес е актуелен писател во Албанија, како и претставникот на Македонската академија на науките и умтеностите академик Блаже Ристовски.

Споменикот го открија градоначалникот на општина Пустец и најстариот жител на селото Глобочени.

- Македонците во Албанија се горди на животот и делото на Стерјо Спасе, затоа што беше достоен Македонец и автор на повеќе дела, вградени во албанската литература, како значаен придонес на Македонците во албанското општество. Скромни сме во одбележувањето на јубилејот, но достојни на името на Стерјо Спасе, - рече градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко, на откривањето на споменикот.

Веднаш по откривањето на споменикот на Стерјо Спасе, во негова чест, се одржа традиционалниот Македонски фолклорен фестивал ПРЕСПА 2014, со богата културно-уметничка програма - фолклорни групи од Мала Преспа и од цела Албанија и песни од бардот на македонската народна песна Круме Спасовски. На почеток на фестивалот македонската национална химна ја исполни оперската певица Серафина Фантаузо, а Песна за Македонија рецитираше поетесата Виолета Сековска.

Македонскиот фолклорен фестивал за отворен го прогласи
На Македонскиот фолклорен фестивал ПРЕСПА 2014 учествуваа фолклорни групи од Пустец, Шулин, Леска, Долна Горица и Туминец.

Присутните на македонскиот фолклорен фестивал “ПРЕСПА 2014” ги поздавија градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко, амбасадорот на Македонија во Албанија Стојан Карајанов, пратеничката во Собранието на Република Македонија Лилјана Поповска, пратеникот во Собранието на Република Македонија од Австралија Васко Наумовски и претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров.

КОЈ Е СТЕРЈО СПАСЕ?

Стерјо Спасе е роден во село Глобочени, на 14 август, во далечната 1914 година. Стерјо Спасе живееше како Македонец, со дела вткаени во современата албанска литература. Стерјо Спасе е еден од најзначајните претставници во современата албанска литература. Стерјо Спасе истовремено е еден од најуспешните писатели во Албанија од македонско потекло. Неговиот син Илинден Спасе, исто така, е ценет македонски и албански писател во Албанија.

Своето основно образование го започнал во Корча, а го продолжил во Елбасан. Работел како наставник во Дервичане во близина на Ѓирокастро, студирал педагогија на Универзитетот Флоренца во Италија, а магистрирал во Русија.

По Втората Светска Војна, Стерјо Спасе работи како книжевен критичар и пишува за списанијата “Ново училиште“ и “Популарно образование“. Пишувал и за списанијата “Наша литература“ и “Ноември“. Стерјо Спасе бил член на Албанската лига на писателите и уметниците.

Починал на 13 септември 1989 година во Тирана.

Стерјо Спасе својата писателска кариера ја започнал кога предавал како наставник во селското училиште во Дервичане во близина на Ѓирокастро на 18 годишна возраст. Во 1935 година ја напишал својата најпозната книга “Зошто“ или позната под целосниот наслов “Од живот за живот - зошто“. Романот “Зошто“ е напишан во вид на дневник и се фокусира на една трагична дилема на еден млад интелектуалец во рурално место.

Позначајни романи на Стерјо Спасе се: “Зошто“ објавен во 1935 година, “Афардита“ објавен во 1944 година, “Тие беа осамени“ објавен во 1952 година, “Афардита повторно на село“ објавен во 1954 година, “Езерото“ објавен во 1965 година, “На женскиот сокол“ објавен во 1966 година, “Оган“ објавен во 1972 година, “Будење“ објавен во 1973 година, “Свештеничка“ објавен во 1975 година, “Или смрт или слобода“ објавен во 1978 година, “Бунтовниците“ објавен во 1983 година, “Денес или никогаш“ објавен во 1989 година.

Позначајни раскази на Стерјо Спасе се: “Круна на младоста“ објавен во 1934 година, “На раката на една“ објавен во 1934 година, “Поздрав од село“ објавен во 1958 година, “Писма до мојот внук во Тирана Аријан од Македонија и Косово“ објавен во 1975 година, а во 1995 година во превод и на македонски јазик. (Македониум)