Македонска алијанса го поздрави доделувањето кандидатски статус на Албанија

Партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), која го претставува македонското малцинство во Албанија, денеска го поздрави потегот на ЕУ да и додели кандидатскиот статус на Албанија.

– Партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) ја поздравува одлуката на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ за доделување на кандидатскиот статус на Албанија.
Оваа одлука е чекор напред кон обединета Европа и првенствено е заслуга на граѓаните на земјата.
Сите креатори на политиките, особено Владата, треба да се охрабрат и повеќе да се ангажираат за да се остварат потребните реформи за почеток на што е можно побрзо на преговорите за членство – порача на прес-конференција денеска во Корча генералниот секретар на МАЕИ, Васил Стерјовски.

Тој посочи дека Европскиот совет нагласил дека Албанија мора да работи на подобрување на правата на малцинствата.

– Една од приоритетните области што Европскиот совет во заклучоците за Албанија ги идентификуваше и на што треба да се работи на патот кон членството во ЕУ е подобрување на правата на малцинствата и  треба да се превземат редици мерки за гарантирање и почитување на правата на малцинствата.
Партијата Македонска алијанса за европска интеграција, како единствена партија која ги брани интересите на македонската заедница во Албанија, ќе го даде својот придонес во остварувањето на европските аспирации на нашата земја – рече Стерјовски. (Македониум)