Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) ја поздрави препораката на Европската комисија за доделување на кандидатски статус за членка на ЕУ на Република Албанија. Ставот на партијата, денеска на прес конференција во Корча го соопшти генералниот секретар, Васил Стерјовски.
Добивањето на кандидатскиот статус е во корист на сите граѓани на нашата земја, бидејќи европската перспектива на Албанија е перспектива на иднината и се надеваме дека Советот на министри на ЕУ, на крајот на месецот ќе даде позитивна одлука, рече Стерјовски.
Добивањето на кандидатскиот статус треба да ја охрабри албанската влада, парламент, политичката класа, креаторите на политиките и другите актери компетентни во областа на заштита на малцинствата да направат реалност политики во полза на малцинствата, што ќе овозможи целосно исполнување на петтата препорака на Европската унија која што е поврзана со подобрување на човековите права и правата на малцинствата и ќе се гарантира повисоко ниво на третманот на малцинствата во Албанија.
Македонската алијанса за европска интеграција, како единствената партија која ги брани интересите на македонската заедница во Албанија, ги поддржува албанските институции во продолжување на реформите потребни за членство во ЕУ и ќе го даде својот придонес во исполнувањето на препораките на Европската комисија во однос на правата на малцинствата во нашата земја на патот кон Европска унија, потенцираше на денешната прес конференција Васил Стерјовски, генерален секретар на Македонската алијанса за европска интеграција. (Македониум)