ВО ШТИП ТРИБИНА ЗА МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО ВО СОСЕДНИТЕ ЗЕМЈИ

Центарот за правно-политички истражувања при Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев” организираше трибина на тема „Македонското малцинство во соседните земји (Грција, Бугарија и Албанија)”.

Учесници во трибината беа д-р Стојко Стојков – ОМО Илинден-Пирин, Р.Бугарија, Димитри Јоану – ВИНОЖИТО, Р. Грција, Васил Стерјовски – Македонска алијанса за европска интеграција, Р. Албанија, д-р Фросина Ташевска-Ременски од Факултетот за безбедност при УКЛО, Битола, д-р Дејан Маролов од Правниот факултет при УГД, Штип и м-р Ана Никодиновска, модератор на трибината.

На трибината се дискутираше за статусот на македонското малцинство во соседните земји, меѓународните институции и нивната улога во заштита на човековите права, евроатланските интеграции на земјите од регионот и слично.

Учесниците на трибината дадоа изјави за медиумите за тековните состојби со македонското малцинство во Грција, Бугарија и Албанија.

Најголеми предизвици на Македоците во Грција, според Димитри Јоану од Виножито се од изучување на мајчиниот јазик и промоција на културата, до економски притисоци

– На грчкото општество му требаат големи промени. За жал, не гледаме надеж, се јавуваат дури и профашистички групи, па етничките малцинства живеат се потешко – нагласи Јоану.

Стојко Стојков од македонска организација ОМО „Илинден“ – ПИРИН рече дека Македонците во Бугарија ја водат најапсурдната борба во светот – да докажеш дека постоиш.

– Ние во Бугарија бараме да запре негирањето, да запре говорот на омраза, нормално како и сите други, да се регистрираат македонски организации, да влеземе во системот и како рамноправни граѓани да се бориме за нашите права и слободи, а рамковната спогодба да важи и за сите Македонци – истакна Стојков.

Според Васил Стерјовски, генерален секретар на партијата Македонска алијанса за европска интеграција во Албанија, главна битка им е воведувањето на македонскиот јазик во образовниот систем во Албанија секаде каде што живеат Македонци и зачувувањето на општините со доминантно македонско население.

– Општина Пустец успеавме да ја спасиме. Сега се бориме за општините во Голо Брдо и во Гора. Инсистираме трите македонски општини во Голо Брдо да се обединат во една за цело Голо Брдо, како и за обединување на двете општини со доминантно македонско население во Гора – истакна Стерјовски. (Македониум)