ПО ПОВОД КНИГАТА НА СТЕФАН ВЛАХОВ – МИЦОВ: “ДРЖАВА – КАКО СЕ ГРАДИ И БРАНИ“

          Откако ќе се прочита книгата “Држава – како се гради и брани“, на Стефан Влахов – Михов, долго останува дилемата – дали е тоа хронолошка историја или хронологија на историјата? Што и да е, пред нас е многу интересно четиво, за разлика од историјата која знае да биде и досадна за читање.

 

 

Силен е впечатокот дека авторот седнал и ја напишал книгата, без да запре. А темата, која ја третира, започнала пред околу три илјади години и завршува со вчера. Наведува едно чудо податоци и факти за античките македонски цареви, спомнува нивни имиња, кои тешко можеш и да ги прочиташ… та се до лустрацијата, “Скопје 2014“… А немате чувство дека нешто проверувал, истражувал, компилирал… Се’ е како да вадел од сопствениот ракав, без да трепне! И, што е најважно, се’ е актуелно и поврзано со нашето денешно битисување.

Влахов – Мицов, не е обичен набљудувач или незаинтересиран хронолог. Напротив. Читајќи ја книгата, ги чувствувате неговата жестока критика, несогласување и осуда или целосно оправдување и поддршка. Навлегува во детали. Зборува за идентитетот на народот, за партизацијата и за недостаток на државништво, за сите наши вековни погубни поделби и конфронтации кои ни нанесувале и продолжуваат да ни носат огромни штети… Отворено пишува и за врвните лидери и нивните маани, елаборирајќи ги и последиците од нивните грешки. На тапет се и Глигоров и Андов, и Црвенковски и Георгиевски, и дејците од ВМРО, како Александров и другите, членовите на АСНОМ кои подоцна настрадаа во комунистичките чистки… Во книгата се испреплетуваат времиња и личности, настани и случувања, политики и игри, стратегии и недораснатост, мега идеи и инфериорност, подметнувања и несфаќања, намери и наивност, партизираност и државотворност, лични интереси и погубни решенија, лојалност и кратковидост…

Неспорно е дека македонизмот мора да се гледа во неговата целост. Словенските разноимени племиња, кога дошле во регионот, морале да се помешаат со староседелците кои биле поврзани со античките Македонци. Тука е континуитетот. А небитно е дали тие го препливале или го прегњуриле Дунав, што е актуелна дебата во последно време. Факт е и дека сите се поистоветиле со името – Македонци. За жал, преиспитувањето на нашиот однос кон антиката создава нови поделби во земјата. Впрочем, ние и без повод сме спремни да се поделиме. За било што. Во врска со ова прашање, одлична дефиниција даде проф. д-р Живко Попов, академик ама од медицинскиот блок, што би требало да ги надмине овие несогласности. Според него, словенството е само последниот слој во историјата на македонизмот! Тоа и трае најмногу, веќе 15, 16 века.

Интересна е тезата на авторот за космополитизмот на Македонците. Во основата, тоа е врвен квалитет ама, за жал, кај нас тој често бил деградиран и ни носел само штета. Така, како вели, сме менуваме коњ за кокошка!

Веројатно најзначаен дел од оваа анализа е периодот на ВМРО, од нејзиното формирање, преку Втората светска војна, та се’ до денес. Во неа јасно се прецизира дека уште основачите, во 1893 година, отстапиле од извонредните замисли на Кресненското востание и биле под влијание на великобугарските идеи. Така, ем не се дефинирал македонскиот национален идентитет, ем се дозволувало мешање на бугарската држава. Се пропагирало зачувување на македонскиот јазик ама тој не се разграничувал од бугарскиот.

Сосема се на место и констатациите дека бугарската историографија намерно зборува за десница и левица во ВМРО, за да го сведе судирот на идеолошка основа. Но, на таа стапица се фаќале и наши експерти. Во секој случај, тој период од нашата историја е исклучително комплициран, оптоварен со бројни специфики и суптилности кои се скоро не решливи на целосно објективен начин. Приликите биле такви да скоро ништо речено, напишано, направено… та дури и замислено – не смеело да биде отворено, директно, јасно… Разни интереси биле измешани и затоа се’ било прикриено, заобиколно, индиректно… Така, скоро е невозможно да се утврдат бројни вистини или, поточно, уште долго, секоја од двете страни ќе си има свои тумачења на историјата. Се’ додека Бугарија, та и Македонија, не сфатат дека добар дел од историско минато за секогаш ќе остане заедничко како неделиво, меѓусебните односи ќе бидат под хипотека.

Во целина, не е спорно дека ВМРО има заслуги за одржувањето на македонската самобитност која доведе и до создавање на сопствена држава. Затоа, не случајно, авторот вели дека организацијата нудеше одредена заштита за македонскиот народ, заменувајќи ја улогата на непостоечката држава. Во нејзините рамки имаше и има бугарофилство, што некогаш веројатно беше неизбежно. Ама, денес, повеќе – не е.

Во делот за југословенско-бугарските односи, посебно е значаен фактот дека на 5 ноември 1971 година е потпишан договор за соработка во туризмот на македонски и бугарски јазик! Значи, во времето на Живков било можно да се користи македонскиот јазик, што било случај и во уште неколку други договори а денес, со бугарските “демократи“, тоа веќе не е можно! Треба ли да жалиме за комунистичката диктатура!?

Се спомнува и нашата стратегиска грешка кога, со Декларацијата од 1999 година, практично го отворивме патот на Бугарија во ЕУ, анулирајќи ги проблемите, а практично и постоењето на Македонците во Пиринскиот дел. Сега, нормално, Софија не ги пропушта своите шанси, ни наметнува блокада за ЕУ и го бара невозможното…

Авторот прецизира и зошто Бугарија и Грција  сакаат да го избришат македонизмот? Затоа што Грците ја украле античката македонска историја додека Бугарите старословенската македонска азбука, која ја нарекле старобугарска. Го присвоиле и делото на св. Климент и св. Наум, а исти претензии имаат и кон Кирил и Методиј. Така, и двете сакаат да ги уништат наследниците кои можат да ја бараат вистината!

Со тезите на Влахов – Мицов можете и не морате да се сложите. Ама, мора да му се одаде признание дека е доследен на своите оценки, кои аргументирано ги соопштува. Сметам дека е престрог во осудата на Глигоров. Со голема сигурност може да се тврди дека историјата позитивно ќе го евалуира неговото владеење. Веројатно е преостар и во оценката – фантазери – за лидерите од АСНОМ кои настрадаа поради својот македонизам. Авторот е апсолутно во право дека во тој период немаше никакви услови за обединување на Македонците. Напротив, вистинско чудо е што главните меѓународни фактори дозволија да се формира оваа држава. Тоа е неспорна заслуга на македонските и југословенските, пред се’ српските комунисти, кои дозволија делумна ревизија на Букурешкиот договор од 1913. Никој не можеше да го игнорира југословенскиот придонес во војната и тоа беше кругот кој тоа го овозможи.

Настраданите беа големи македонски патриоти. Го симболизираа вековниот македонски сон за сопствена држава. Ние мораме тоа максимално да го почитуваме и вреднуваме. Намерите им беа чесни и благородни ама проценките не беа соодветни на условите и приликите. Денешните политички злоупотреби врз таа основа не ни служат на чест. Комунистите, како што вели и Влахов – Мицов, направија доста грешки и на душа носат бројни невини лица а меѓу нив и македонски великани ама, не смее да се заборава дека токму тие ја создадоа оваа држава. И, најверојатно, тоа го сторија во последниот возможен момент. Ја искористија последната шанса за спас на македонизмот.

Длабока е мислата на авторот дека овие наши, историски личности, ќе ги загубеа животите и ако се тргнеше во реализација на нивните намери за обединување. Целта во никој случај не можеше да се постигне. А таква авантура, многу лесно, можеше да го доведе во прашање и веќе постигнатото – македонската држава! Конфронтацијата со главните, веројатно, прескапо ќе не чинеше.

      *     *     *     *     *

Еве дел од официјално американско соопштение, на кое се повика јужниот сосед, пред три месеци, во октомври 2013:

‘Телеграма на Стејт департментот, од декември 1944 година, испратена до американските надлежни институции, потпишана од тогашниот државен секретар (министер), Стетиниус, покрај другите работи нотираше дека: – “Брборењата околу македонска ‘нација’, македонска ‘татковина’, или македонска ‘национална свест’, оваа американска Влада ги смета за неоснована демагогија која не претставува етничка, или политичка реалност, и во нивното сегашно оживување гледа возможна маска за агресивни намери против Грција“’!

            Ова е за прв пат, јужниот сосед, во игнорирањето на Македонците да се повикува на САД!

*      *      *      *      *

И, за крај, да заклучиме – воопшто не е чудно што Запад не бил спремен да се создаде македонска држава во 1944 година. Неприфатливо е, меѓутоа, што и денес, после цели 70 години нејзино постоење – таа не е по нивна волја и прават се’ да ја уништат. Загриженоста за иднината на земјава, која ја манифестира и Влахов – Мицов во книгата, е апсолутно реална. Мора сите да се запрашаме што треба секој од нас да стори за да опстоиме како народ и  држава. Клучот за тоа е во фактот дека ние сме и ќе останеме – Македонци. Без оглед што замислуваат и планираат Вашингтон, Брисел, Париз, Берлин, Атина…и колку ние им пречиме. А, дали потекнуваме од антиката, од Маите, Астеките… – воопшто не е важно.

За да опстанеме, мораме да бидеме поодлучни во реакциите на недоличните барања од Брисел ама и пообјективни во решавањето на некои домашни ситуации.

*     *     *     *     *

Конкретни опции за диверзификација на нашата надворешна политика, надвор од ЕУ и НАТО – нема многу. Стратегиски сојуз, или економска унија со Турција – не се реални опции. Анкара има пошироки амбиции во регионот и, во никој случај нема да се конфронтира со Вашингтон, кој е сега тука некрунисан цар. Русија, од друга страна, нема политичка стратегија и прецизирани интереси за нашиот регион, додека Кина нема балкански политички амбиции. Меѓутоа, точно е дека наша обврска е дипломатски сериозно и упорно да делуваме и во Москва, и во Анкара, и во Пекинг и во многу други центри. Тоа ќе ја зајакне нашата меѓународна позиција и ќе помогне во решавањето на проблемот со името. Нашите амбасади, во одредени земји, треба повеќекратно да зајакнат ама врз основа на конкретни акциони планови а не за удомување на партиски војници.

На домашен план, залагањата за промена на Охридскиот рамковен договор и сегашната административна поделба на земјата не соодветствуваат на реалните прилики и услови во државата. Не е спорно дека тие два документи не се доволно балансирани, поточно се еднострани и, како такви, нанесоа сериозни штети на државата. Меѓутоа, се’ додека се тие на сила – мора да се почитуваат и спроведуваат. Така се однесува одговорна држава.

*      *      *      *      *

            Прочитајте ја книгата. Овде се спомнати само мал број елоквентно обработени делови од нашата историја. Уште многу работи и те како ќе ве заинтересираат. Таа е лесно и извонредно четиво за нешта што сите не засегаат, што сите ги живееме и што сите не загрижуваат.

Книгата на Влахов – Мицов: “Држава, како се гради и брани“ е значајно дело кое заслужува високо признание.

 

Ристо Никовски

 

Од промоцијата во Корча, Албанија на книгата на Стефан Влахов – Мицов: “ДРЖАВА – КАКО СЕ ГРАДИ И БРАНИ“.