И Македонците во Албанија го одбележаа Денот на македонските просветители Св. Кирил и Методиј

Синоќа, во градската библиотека „Тими Митко“ во Корча, Република Албанија, се одржа чествување за делото на Светите Кирил и Методиј и промоција на книги од македонски автори од Бугарија.

Настанот го организираше Македонски културен центар „Сонце“ од Корча. Присуствуваше и амбасадорот на Република Македонија во Република Албанија Стојан Карајанов, претставници од македонските друштва „Гора”, македонското егејско друштво МЕД од Врбник, како и претставници од Македонците од Пиринскиот дел на Македонија.

На чествувањето поздравен говор имаше амбасадорот Карајанов кој ги поздрави присутните, честитајќи им го празникот и одржа пригодна реч за делото на македонските браќа Кирил и Методиј.

Во библиотекаата беа промовирани книгите „За големината на македонскиот народ” од Божидар Киријанов, македонски писател од Пиринска Македонија и Билтенот на македонскиот академски клуб на Друштвото за бугарско-македонско пријателство. Драги Башески од Прилеп ја претстави книгата на Киријанов, а свои излагања пред присутните имаа и авторот на книгата Киријанов и Благој Тасев, еден од издавачите на билтенот.

„Македонците во Бугарија подлежат на асимилација, не се признава постоење на македонско малцинство иако Бугарија е членка на ЕУ. Бугарија спроведува политика на негирање и одрекување спрема Македонците и во последните 13 години не ги регистрира  партиите на Македонците ОМО „Илинден“ и ОМО „Илинден ПИРИН“, рече Киријанов.

На промоцијата говореше и Аднан Ќејвани, македонски активист од Гора, Албанија, кој меѓу другото истакна дека во книгата „За големината на македонскиот народ“се прикажани обичаи од Пиринска Македонија, кој се исти со обичаите на Макеоднците во Гора.

На крајот од ова чествување произлезе иницијатива за формирање на заедница на Македонците од етничка Македонија која би имала за цел културно и духовно обединување на Македонците, меѓусебно запознавање на Македонците од сите делови на етничка Македонија, заеднички активности... За чествувањето известија повеќе албански медиуми. (Македониум)