Држава разјадена од партијноста

Тој политички и национален дефект израснува во најголема закана за опстојувањето на државата и на нацијата на Македонците

Најновата книга на Стефан Влахов-Мицов: Држава – како се гради и брани, во издание на Матица македонска, е суштествена потврда на начелото за двојната улога на историските книги; прво, да му овозможат на човекот да го разбере општеството од минатото и, второ, да ја зајакне својата премоќ во општеството од сегашноста.

 

 

Според својата суштина таа книга е „запис за она што едно време смета дека е вредно за бележење за некое претходно време“, а врз основа на тоа се прави и проекција за иднината. Книгата е неверојатно „питка“ и може да се чита како занимлива белетристика или дури како сказна. Зашто иако длабоко ги спушта своите сонди, Влахов-Мицов тоа го прави лесно, со мноштво докази и толкувања.

 

Просто зачудувачки е како исти идеи во различни времиња ги пронижуваат мислечките луѓе. Големиот романсиер – францускиот Чех – Милан Кундера во еден есеј вели: „Ако порано Историјата напредувала многу побавно од човечкиот живот, денес токму таа оди побрзо, ита, му бега на човекот, така што и континуитетот и идентитетот на некој живот се во опасност да пропаднат“.

Независно од Кундера, Влахов-Мицов во поговорот на својата книга пишува: „И ќе се покажат вистински зборовите дека се ближи конечното обезличување на македонскиот народ и неговото разнебитување преку прекрстување на Македонија“.

Што е тоа што ни се заканува да исчезнеме?

 

Книгава се занимава со прашањето за повторливоста на грешките на владетелите, грешки кои придонеле за слабеење и за губење на државите. „Денес Македонија одново е исправена пред опасноста да ја загуби својата држава“, констатира авторот, „и пак поради истите причини кои ги придружуваат две илјади години – деформацијата на македонскиот космополитизам. Таа деформација во насока на нихилизам, внатрешна поделеност, политички интриги итн., заедно со дејноста на македонските непријатели, ни нанесува повреди во клучните моменти од македонската историја“, дијагностицира Влахов-Мицов.

 

На една од најопасните наметнати дилеми околу која се делиме – дали сме антички Македонци или сме словенски Македонци? –  Влахов-Мицов елегантно одговара: Имињата на територии, на планински врвови, реки итн., не паѓаат од небото, туку се поврзани со  народите кои живеат таму. А на територијата на Македонија постоела држава од 8 век п.н.е. до 168 година п.н.е., создадена од македонски народ. Кога ја загубиле државата Македонците не се отселуваат туку продолжиле да живеат таму, за што сведочат историски факти. Според теоријата за словенската етногенеза на Македонците, меѓу староседелците и новодоселените постоела комуникација, со текот на годините тие се спријателиле и новодејдените како свое го примиле и славното име на Македонците. Староседелците ја изгубиле државата, но народот не се отселил. Не случајно, констатира авторот, денес во македонскиот фолклор, традиции, обреди, обичаи, верувања… се зачувани влијанија од античка Македонија.

 

Влахов-Мицов открива дека „хеленизацијата“ на Александар Велики  е шпекулација на Баварскиот научник Јохан Дројзен, кој во 1832 година објавил книга за историјата на Александар Велики и за „првата обединета грчка држава“ во лицето на неговата империја. Така Дројзен ги идентификувал Александар и културата на целиот тогашен свет со – хеленизам. Таа шпекулација е поради фактот што во 1832 г. владетел на новосоздадената грчка држава станал Баварецот Фридрих Отон, а Дројзен во него гледал симбол на обединета Германија.

 

На тврдењата на грчки и на бугарски историчари дека Македонија била само географска област, Мицов-Влахов одговара: Зошто, тогаш, Грците ги сменија топонимите на селата, градовите, планините, реките во Егејска Македонија? – За да ги покријат трагите на македонскиот код и за да го сокријат геноцидот што го направија таму!

Авторот упатува и на апсурдот: Во1971 година можело да се потпише договор за соработка во туризмот на македонски и на бугарски јазик, а денес бугарските власти тоа не го дозволуваат! Во времето на Живков било можно да се користи македонскиот јазик, а денес, со бугарските „демократи“, тоа веќе не е можно!

Во поглавјето „Државност и партијност“ Мицов ќе упати на еден заклучок чие влијание се провлекува низ историјата до денешни дни. Имено, дека партијноста кај Македонците ја разјадува државноста. Цел 20 век ќе помине во сенката на тој политички и национален дефект, кој израснува во најголема закана за опстојувањето на државата и на нацијата на Македонците. Затоа Мицов се залага за воспоставување систем на непосредна демократија во која граѓаните би имале подиректна улога врз тие на кои им го делегирале своето право да ги претставуваат. Настојува да предупреди оти политикантството придонесува пред очи да ни се рони државата, да се делат луѓето, да се поставуваат длабоки идеолошки јазови и да не остане ниту една вредност, ниту една цел, која може да ги обедини. Стасавме дотаму што дури и името да не може да биде тој амалгам кој ќе не држи заедно, во добро и во зло.

 

Приложувајќи низа настани како потврда на таа теза, авторот вели дека македонското општество треба да започне борба за враќање на македонската држава на начин што партиите ќе се покорат на државните интереси, а не државата да биде заложник на партиските интереси. Врз таа заложба тој го гради и концептот за иднината на македонската држава.

 

Книгата го покажува целокупниот гнил материјал што е вградуван во македонската држава и последиците од таквата „арматура“. Но, во суштина, таа е свртена кон иднината, кон идните генерации кои не смеат да ги повторат грешките на претходниците. Затоа во почетокот ја ставил Видовита песна на Раде Силјан, која зваршува вака: Народ со славно име/ По крвава патека ќе мине/ Пред сенката на векот/ До целта сам ќе стигне.

Јас пак не можев да и одолеам на една песна на шпанскиот нобеловец Хуан Рамон Хименес кој библиски порачува: Да ги создаваме имињата./ Луѓето потем ќе дојдат./ И ќе остане сал светот на имињата.

 

Георги Барбаровски

 

Од промоцијата во Корча, Албанија на книгата Држава – како се гради и брани од авторот Стефан Влахов Мицов.