Преспанско-охридскиот регион ќе биде прогласен за Прекуграничен биосферен резерват

Стручниот Комитет на УНЕСКО разгледувајќи ја номинационата форма за прогласување на Преспанско-охридскиот регион за Биосферен резерват даде препорака и одобрение до Интернационалниот Совет на УНЕСКО, да го прогласи македонскиот и албанскиот дел на Преспанско-охридскиот регион за Биосферен резерват заради неговото уникатно значење и вредности кои ги содржи.

Стручниот Комитет исто така препорача во моментот штом грчката страна изрази волја да се приклучи кон Биосферниот резерват веднаш да стане дел од Прекуграничниот Биосферен резерват.

Интернационалниот Совет на УНЕСКО својата седница на која на дневен ред е прогласувањето на Преспанско-охридскиот регион за биосферен резерват ќе ја одржи на 10 и 11 јуни во Јонкепинг во Шведска.

“Биосферните резервати имаат цел да се избалансира потребата од заштита на вредностите на биодиверзитетот, со потребата за подобар живот на сите жители”, – изјави за весник Македониум Г. Волфганг Фремут, водичот на тимот на проектот: „Прекуграничен биосферен резерват Преспа – Поддршка на Национален парк Преспа во Албанија“.

Предлогот за спроведување на концептот на Биосферен Резерват во охридско – преспанскиот регион потекнува од заедничкиот проект за заштита на Охридското езеро, кој доведе до потпишување на билатерален договор помеѓу Албанија и Македонија во 2004 година, во кој е предвидено воспоставување на прекуграничен биосферен резерват на територијата на сливот на охридското езеро. Како резултат на напорите и активностите за заедничка заштита и развој на регионот, како и бројните средби со засегнатите страни реализирани од страна на Билатералниот секретаријат за заштита на охридското езеро, со поддршка на Германското министерство за економска соработка и развој, преку Германската банка за обнова (KFW), во соработка со Албанското Министерство за животна средина, шумарство и водостопанство и канцеларијата на UNESCO во Венеција, беше постигната широка поддршка за спроведување на концептот од страна на засегнатите заедници и заштитените подрачја во соседните држави на регионот. Тоа доведе до потпишување на заедничка Декларација за посветеност за воспоставување на прекуграничен биосферен резерват Охрид-Преспа според МАБ програмата на UNESCO, во октомври, 2012 година. (Македониум)