Македонците од трите дела на Македонија се присетија на апостолот Делчев

 Македонците од трите дела на Македонија, во Охрид, на денот на погибијата, се присетија на идеологот, апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев, со претставување на весниците „Народна волја“ (Пиринска Македонија – Бугарија), “Нова Зора” (Егејска Македонија – Грција ) и “Македониум” (Албанија).

За таа прилика од Благоеврад допатуваа, Крум Филaтов, еден од копретседателите на ОМО Илинден Пирин, заедно со претседателот на Општинскиот совет на партијата за Петрич, Ѓеорѓи Ортаков. Oд Албанија, генералениот секретар на Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, додека Македонците под Грција, испратија порака.

Организатор на настанот беше КИЦ “Култура – 365 “ од Охрид. Трите гласила, беа претставени како сврзници на раскинатото македонско тело.

Најстар со излегување е „Народна волја“, единствениот весник на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија кој излегува редовно и пренесува информации од и за Македонија. Негова препознатливост е ликот на Гоце Делчев, во насловот и името. Првиот број на весникот се појави на 1 октомври 1980 година во Сиднеј, Австралија. Основачи беа македонските патриоти Александар Христов, Крсто Енчев, Ангело Вретовски, Георги Чочков, Митре Мојсовски и други. Од 1981 година весникот продолжи да излегува во Лондон. Од април 1992 година весникот излегува во Благоевград.

Копретседателот на ОМО Илинден Пирин, Крум Филипов, ги пренесе поздравите на сегашниот уредник на весникот Јан Пиронски (Ѓорѓи Христов), нагласувајќи дека весникот е еден од факeлите на македонската борба, светилник на македонизмот во Бугарија, земја членка на ЕУ, но и средина која не сака да се ослободи од својот шовинизам и 13 години, одбива да ги регистрира македонските асоцијации, продолжуваjќи ја на тој начин и натаму нивната асимилација.

Веле Митаноски