Научен симпозиум во Корча по повод 100-годишнината од раѓањето на Стерјо Спасе

По повод 100-годишнината од раѓањето реномираниот автор со македонско потекло Стерјо Спасе, Универзитетот Фан С.Ноли, Корча и факултетот за природни и општествени науки, во соработка со факултетот за образоваие и филолошки науки, организираат научен симпозиум на тема “Животот и книжевното дело на Стерјо Спасе”.

Стерјо Спасе

Стерјо Спасе

На овој симпозиум ќе се презентираат истражувања околу книжевната дејност на Стерјо Спасе и неговиот придонес кон општествената мисла.

Мариа Дојче, која е во организациониот тим на овој научен симпозиум, за весник Македониум изјави дека на овој симпозиум ќе се разговара за активноста и придонесот  на Стерјо Спасе во литературата (естетиката), филозофијата и социо- културниот аспект на неговата работа.

“Друг аспект на овој научен симпозиум е и портретот на Спасе како еден симбол на соработката и подобрата интеграција на македонското малцинство во албанското општеството”. – изјави Мариа Дојче за весник Македониум.

Научниот симпозиум ќе се одржи на 30 мај 2014 година, во 11:00 часот во просториите на факултетот за природни и општествени науки во Корча.

Сите заинтересирани можи да учествуваат на овој симпозиум со своите трудови. Рокот за доставување на темите и абстрактите е 1-ви мај, 2014 на e-mail адресите: maria.dojce@gmail.com; kalemaj.eriseld @yahoo.com.

Стерјо Спасе, (с.Глобочени, Мала Преспа 1914 – Тирана, 1989) е познат писател со македонско потекло и е еден од најзначајните претставници на современата албанска литература. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби во Мала Преспа. (Македониум)