СТЕРЈОВСКИ: Македонската заедница да се признае низ цела Албанија

 Во Албанија живеат над 120 илјади етнички Македонци. Најголема концентрација има во областите Мала Преспа, Гора и Голо Брдо, но не има речиси на целата територија на државата. Македонската заедница секаде на територијата на Република Албанија, треба да ги има правата како што имаат Македонците во општина Пустец.

Ова меѓу другото  го изјави Васил Стерјовски, генерален секретар на МАЕИ, на  гостувањето на албанската државна телевизија, на кое тој зборуваше за правата на македонската заедница во Албанија, активностите на македонската заедница, образованието на мајчин македонски јазик, територијалната поделба, бројот на македонската заедница идр.

Стерјовски прави приказ на културните активности на Македонците, посебно во градот Корча,каде се промовирани повеќе книги, во организација на Македонскиот културен центар во овој град, за телевизијата на македонски јазик во Корча,ТВ Кристал, а ја поздравува и полчасовната емисија на македонски на радио Корча.

- Сакаме да има емисија на македонски и на албанската државна албанска затоа што таму ќе има можност да ја следи цела наша заедница, каде и да живее во Албанија. Ја поздравуваме  емисијата на ромски која од пред неколку месеци се емитува на државната телевизија и се надеваме дека многу брзо и ние, како и сите етнички заедници да имаме своја емисија, -изјави Стерјовски.

Тој понатаму зборува за зачувувањето на традицијата, културата а посебно јазикот, кој и покрај забраната од властите во претходниот период тие го зачувале.

- Областите  Гора, Голо Брдо и Преспа се со чисто македонско население. Таму јазикот што се зборува дома и насекаде е македонскиот јазик и нормално јазикот се пренесува од поколение на поколение. Конкретно во областа на Преспа ние официјално се признаваме како македонско малцинство и тука имаме право да го изучуваме македонскиот јазик во училиштата на општината во целата област. Според законот 60% од наставата треба да се одвива на македонски јазик. Во моментот не се почитува, затоа што има недостиг на учебници на македонски јазик.

Како што напоменав ние официјално сме признати во областа на Преспа во Албанија и се заблагодаруваме на албанската држава затоа што не признава на еден дел од Албанија, затоа што има држави кој се членки на Европска унија како Грција и Бугарија каде македонската заедница не се признава, но секако тука има доста за подобрување. Едно од нашите барања е македонската заедница да за признае секаде на територијата на Република Албанија. Последно е и Резолуцијата на Советот на Министри на Советот на Европа, кои донесоа една Резолуција со која се бара од Албанија да ја спроведи Рамковната конвенција за заштита на националните малцинствата.,-вели Стерјовски.

Тој ја повторува загриженоста на македонската и другите етнички заедници околу Предлог-законот за новата територијална поделба на Албанија, со која општините со македонско население  ќе се припојат кон албанските, што ќе значи целосна асимилација.

- Ние до сега преку  медиумите имаме добиено гаранции дека општина Пустец како малцинска област, нема да се припои, но немаме информации што ќе биди со општините во Гора и Голо Брдо. Ова недела имаме состанок со министерот за локална самоуправа, Бленди Чучи каде ние ќе ги покренеме сите овие прашања и ќе побараме, барем општините со мнозинство македонско население да останат како што се, или во областите Гора и Голо Брдо можи да се организираат по една општина како области, а областа на Голо Брдо да се организира како општина Голо Брдо каде сите три општини да се вклучат во една општина – изјави тој.

На прашањето колку брои македонската заедница, Стерјовски потсетува дека официјално точна бројка нема бидејќи последниот попис малцинствата го бојкотираа и не ги признаваат пописните резултати.

-  Според нашите податоци македонската заедница во Албанија брои над 120.000 Македонци, изјави Стерјовски за албанската државна телевизија. (Македониум)