Македонците во Албанија ги промовираа книгите на Никовски и Влахов – Мицов

Синоќа, во градската библиотека „Тими Митко“ во градот Корча, Република Албанија, беа промовирани две книги: „Улогата на САД во македонските голготи“ од Ристо Никовски и „Држава – како се гради и брани“ од Стефан Влахов – Мицов.

Настанот го организираше добро познатиот Македонски културен центар „Сонце“ од Корча. Присуствуваше и амбасадорото на Република Македонија во Република Албанија Стојан Карајанов, преставници од македонските друштва “Прегор” и огранокот на друштво “Преспа” од Поградец, и од македонското егејско друштво “МЕД” од Врбник, голем број Македонци од Корченскиот регион како и деца кој ги посетуваат курсевите по македонски јазик во Корча и Билишта.

Настанот започна со пеење на македонската национална химна, а помеѓу излагањата на учесниците беа исполнувани познати македонски традиционални песни во изведба на Ристана Николоска – Рина. Настанот беше проткаен од извонредна изворна музика и добри пораки. Книгите беа само повод да се засегнат болните точки за Македонија: идентиетот и опстанок на Македонците.

Домаќин и водител на програмата беше Васил Стерјовски, активист од редовите на македонското малцинство во Албанија.

Пред присутните свои излагања имаа авторите на книгите, како и новинарот Георги Барбаровски. Сите тројца се познати општествени дејци, како членови на групата македонски интелектуалци позната под името „Македонски манифест“ која најжестото се спротивставува против било каква промена на името на Македонија.

Амбасадорот Ристо Никовски зборуваше за САД како главен фактор на Балканот кој својата игра ја игра преку проектот за Голема Албанија и дека Македонија е дел од таа игра. Никовски зборуваше и за американската улога на Ксово и во Македонија за време на кризата и воените дејствија во 2001. Подоцна, САД ни го признаа уставното име, но само во функција и пресметано за да пропдане реферндумот за територијална поделба. Никовски се задржа и на прашањето и потребата од зачувување на уставното имена државата  и сплотување на сите Македонци околу една иста идеја.

Стефан Влахов – Мицов и Георги Барбаровски, посебно се задржаа на спорот со Грција околу уставното име, напоменувајќи дека „не смееме да се откажеме од името ниту да смениме ниту една буква“.

На промоцијата говореа и македонските активисти во Албанија, Спасе Мазенковски, Димитар Гроздани и Таќо Гроздани.

– Во дискусијата што се разви на самата промоција, од страна на авторите на книгите и новинарот Барбаровски, но и од страна на преставниците на организациите на Македонците во Албанија, беше искажан ставот дека судбината на Македонците и на Македонија зависи од самите нив, дека треба да се опстои на сите негаторски политики кои се водат спрема Македонците и дека не треба да се дозволи промена на името Македонија затоа што тоа име е поврзано со сите Македонци без разлика каде и да живеат, изјави Васил Стерјовски. (Македониум)