Гораните се откинат дел од македонската целост

Тоа што Гораните се со исламска вероисповед не ги прави помалку Македонци. Тие своето македонско себепрепознавање го изразуваат преку јазикот и преку другите традиционални културни вредности, во кои спаѓа и фолклорот. Да не се проучува говорот на Гораните е своевиден грев, затоа што тие се откинат дел од нас, дел од македонската целост, вели Дрвошанов.

 

Васил Дрвошанов

Васил Дрвошанов


„Кон роднинската терминологија на горанскиот говор“ е насловена првата монографија за говорот на македонските Горани, научна студија на нашиот респектабилен дијалектолог, лингвист и научен советник во Институтот за македонски јазик, Васил Дрвошанов. Делото е значајно поради својата научна вредност, но многу повеќе од аспект на истакнување на целокупноста на македонскиот народ, со сите негови откинати делови што денес се наоѓаат надвор од границите на Македонија.

Дрвошанов е автор на голем број научни трудови од областа на македонскиот јазик и на неколку поетски книги. Награден е со повеќе признанија, меѓу кои и наградата „13 Ноември“, како и плакета од Институтот за македонски јазик за значаен придонес во истражувањата од областа на македонскиот јазик.

Вие сте четвртиот Македонец што се стекнал со титулата доктор по филолошки науки од областа на дијалектологијата на македонскиот јазик. Дали тоа говори дека дијалектологијата е неатрактивна област за истражувачите, особено за помладите?
- Се согласувам. Дијалектологијата е неатрактивна област за истражувачите, особено за помладите. Таа е „тешка“ научна област, затоа што од истражувачот бара познавање на повеќе лингвистички дисциплини: фонологија, морфологија, синтакса и лексикологија со фразеологија, и тоа проучувани од балканолошки аспект. Македонскиот лингвистички ареал од странските лингвисти е наречен „јазична лабораторија“, затоа што на македонската јазична територија, освен македонскиот јазик, суштествуваат повеќе јазици, кои се испреплетени во текот на вековите. Освен тоа, од истражувачот се бара познавање и на сродните области, првенствено историја и географија. Со други зборови речено, од истражувачот се бара повеќестрана личност, вклучувајќи ја и моќта на истражувачот за теренска работа. Сето тоа го усложнува интересирањето на истражувачите за дијалектите, но не го прави невозможно.

Монографијата е прва за горанскиот говор, објавена од македонски научник. Колку беше тешко да се зафатите со проблематика што не е многу проучувана?
- Во моментов сум најискусниот дијалектолог во редовен работен однос. За секој дијалектолог непроучуваните дијалекти се научен предизвик. Предизвикот се темелеше на фактот што горанскиот говор е периферен македонски говор, а периферните говори се најинтересни за проучување од повеќе аспекти. Прво, затоа што тие чуваат архаизми на сите јазични рамништа, а второ, затоа што во нив се јавуваат многу интересни подновувања, што не се среќаваат во другите говори. Токму таков говор е и горанскиот. Освен тоа, горанскиот говор, иако е надвор од границите на Република Македонија, тој е дел од македонскиот дијалектен систем. Ние, македонските дијалектолози и странските објективни толкувачи на македонската јазична реалност, своите проучувања ги засновуваме на сета македонска јазична територија.

Зошто ве интересира говорот токму на Гораните? И кои се најинтересните лексеми од овој говор, што се малку или речиси непознати за пошироката јавност?
- Гораните се неотуѓив дел од македонскиот народ. По иронија на историјата тие се поделени во три држави. Само две горански села (Урвич и Јеловјане) се во Македонија, 19 села се во Косово, а девет села се во Албанија. Областа Гора е компактна македонска дијалектна целост, во која од памтивек до денес живеат Гораните, кои се со исламска вероисповед. Но тоа не ги прави помалку Македонци. Гораните своето македонско себепрепознавање го изразуваат преку јазикот и преку другите традиционални културни вредности, во кои спаѓа и фолклорот. Да не се проучува говорот на Гораните е своевиден грев, затоа што тие се откинат дел од нас, дел од македонската целост.
Како најинтересни лексеми во горанскиот говор ќе ги споменам лексемите новожена со значење младоженец и даденица со значење свршеница. Првата лексема е многу стара. Не се среќава во ниеден друг македонски говор. Она што ја прави оваа лексема интересна е фактот што таа се среќава во горнолужичкосрпкиот и во долнолужичкосрпскиот јазик, кои се зборуваат во Германија со векови. Втората лексема е нова. Таа е изградена од македонски јазични средства. Се среќава единствено во горанскиот говор како резултат на предбрачниот живот на Македонците во Гора. Споменатите лексеми, како и многу други лексеми, го збогатуваат македонскиот речнички состав.

Каков е вашиот заклучок, колку македонскиот идентитет е силен кај Гораните?
- Македонците во областа Гора себеси се нарекуваат нашинци. Меѓутоа, нивниот говор е македонски. Некои од нив, кои биле доцна исламизирани, сè уште ги чуваат спомените за нивните предци, за што сведочат некои од нивните христијански презимиња, иако се со албански завршоци. Сè уште во нивните народни песни се пее за Јанкула војвода, сè уште во нивните песни се споменуваат имињата на македонските градови. За македонските дијалектолози и за странските непристрасни дијалектолози нема никаков сомнеж во македонската националност на Гораните.

Зошто е важно проучувањето на дијалектите?
- Дијалектите се непресушни извори за збогатување на македонскиот стандарден јазик на сите полиња, а особено на лексички план. Еден од трите завети на македонскиот визионер Крсте Мисирков е токму тоа: речникот на македонскиот јазик да се збогатува од сите македонски народни говори. Тој принцип го почитуваат сите негови следбеници, почнувајќи од првата повоена генерација до денес.

Колку се тие живи денес во јазикот и во творештвото?
- Дијалектите се живи денес. Колку и да се менуваат - тие опстојуваат и ќе живеат сè дотогаш додека има родени зборувачи. Дијалектите никогаш нема да исчезнат. А колку се тие живи денес во творештвото? Голема среќа е тоа што писателите постојано црпат од македонското дијалектно богатство. Некои од нив изворно го пренесуваат во своите дела, но повеќето писатели го користат дијалектното богатство, преточувајќи го во стандардниот јазик, без да ги нарушат нормите на македонскиот јазик. И самиот го користам дијалектното богатство, особено од југоисточното македонско наречје, во моето уметничко творештво, почитувајќи ги принципите на македонскиот стандарден јазик. Дури сметам дека селективното користење на македонското дијалектно богатство во уметничкото творештво, без да се нарушува јазичниот стандард, е најисправниот пат за секој творец.

Сте работеле и на Толковниот речник на македонскиот јазик. Зошто толку доцниме со ова капитално издание, какво што другите народи имаат уште пред повеќе десетлетија?
- Иако мојата тесна специјалност е дијалектологијата на македонскиот јазик, работев и на Толковниот речник на македонскиот јазик. Факт е дека многу други национални лексикографии своите толковни речници ги изработија многу порано од нас. На ова прашање сакам да гледам од позитивен агол. Добро е што оваа генерација македонски лексикографи го почнаа и го доработуваат, како што велите, ова капитално издание. Со тоа и ние ќе се вклучиме во народите што ги имаат изработено своите национални толковни речници. Но овде не завршува лексикографската работа. Македонската лексикографија допрва ја чекаат нови проекти, бидејќи јазикот е жива материја. Тој постојано се менува и бара нови проучувања. Јазикот за Македонците е наттеритон, надверски и натпартиски принцип

Велите дека националниот идентитет на секој народ е најпрепознатлив преку јазикот. Дали сè уште пред меѓународната научна јавност треба да го докажуваме тоа, ако се земат предвид оспорувањата на македонскиот идентитет однадвор?
- Ако големите нации, како што се, на пример, француската, германската, руската и многу други нации во светот, чии идентитети воопшто не се загрозени, водат постојана грижа за својот национален јазик, тогаш не треба да има никакви недоумици околу грижата за нашиот национален јазик, бидејќи ние спаѓаме во групата на т.н. „мали јазици“. Секој Македонец знае дека територијата ни ја поделија, дека верата ни ја поделија и дека ни остана само јазикот како наша препознатливост, како белег што нè обединува сите нас независно од тоа каде сме. Јазикот за Македонците е наттериторијален, надверски и натпартиски принцип, кој бара непрестајно негување и почитување од сите родени зборувачи и од сите други корисници. Макар што македонскиот јазик има свое минато, макар што македонскиот јазик има своја сегашност, токму поради фактот што постојат, како што велите, оспорувања на македонскиот идентитет однадвор, и понатаму пред меѓународната научна јавност аргументирано треба да го докажуваме македонското себепрепознавање за да ја зачуваме иднината на македонскиот јазик и на македонската нација за следните поколенија.

Автор: Весна Дамчевска

Превземено од весникот Нова Македонија