УКИНУВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКИТЕ ОПШТИНИ ВО АЛБАНИЈА ЌЕ ГИ СУСПЕНДИРА МАЛЦИНСКИТЕ ПРАВА НА МАКЕДОНСКАТА ЗАЕДНИЦА

Македонски Конгрес (СМК) изразува загриженост од најавата за укинување на општина Пустец со владиниот предлог на Закон за територијална организација на единиците на локалната самоуправа во Република Албанија, што треба да стапи на сила за локалните избори во 2015 година, а имајќи предвид дека во деветте села на општина Пустец – Горна Горица, Туминец, Долна Горица, Глобочени, Пустец, Шулин, Леска, Зрноско и Церје, живеат 5.260 Македонци.

За СМК е неприфатливо припојувањето на општина Пустец во предложената нова општина Полени (Појан), којашто треба да ги опфати општините Пустец, Полени и Врештас, како и селата Шамол, Малавец, Белорта, Куч-и-Зи и Невечишт од општина Булгарец, со 41.396 жители, во којашто Македонците ќе станат беззначајно малцинство и ќе го изгубат градоначалникот и советот на единствената општина во Република Албанија во која сега сите жители се Македонци по потекло.

СМК смета дека постои реална опасност, во новата општина Полени во која Албанците ќе бидат во апсолутно мнозинство, земјиштето на општина Пустец на брегот на Преспанското езеро да се продаде на Албанци, што со текот на годините би ја променило етничката структура на Мала Преспа, сега населена со чисто македонско население.

СМК изразува загриженост за мерките на албанската влада и за општините Острени, Требиште и Стеблево во областа Голо Брдо и за општините Запод и Шиштавец во областа Гора, покрај македонско-албанската граница, коишто, исто така, се населени со Македонци по потекло.

Имајќи предвид дека Албанија е мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество, СМК очекува Владата на премиерот Еди Рама да изрази разбирање и да не ги укине општините Пустец во областа Мала Преспа, општините Острени, Требиште и Стеблево во областа Голо Брдо и општините Запод и Шиштавец во областа Гора, во кои живеат само Македонци, затоа што тие мерки ја менуваат етничката структура на населението и директно ќе влијаат за уназадување на положбата и правата на Македонците во Република Албанија. Укинувањето на македонските општини ќе ги суспендира малцинските права на Македонската заедница во Република Албанија.

СМК, истовремено, ја повикува Владата на Република Македонија, во согласност со принципите на добрососедство и реципроцитет во положбата и правата на Албанците во Република Македонија и на Македонците во Република Албанија, во билатералните односи со Владата во Тирана, да укаже на последиците од евентуалната промена на територијалната организација на локалната самоуправа во Република Албанија и да ги поддржи барањата на Македонците за натамошно постоење на општините во кои Македонците живеат, општината Пустец во областа Мала Преспа, општините Острени, Требиште и Стеблево во областа Голо Брдо и општините Запод и Шиштавец во областа Гора.

НА НАЈАВАТА ЗА УКИНУВАЊЕ НА ОПШТИНА ПУСТЕЦ РЕАГИРАШЕ И ДОСТОИНСТВО

Лидерот на политичката партија Достоинство Стојанче Ангелов реагира на планот на албанската влада да ја укине општината Пустец во која живее чисто етничко македонско население. Ангелов вели дека на таков начин ќе започне процес на асимилација на Македонците во Албанија. Претседателот на Достоинство, исто така побара рекација од македонската Влада во оваа прашање. (Македониум)