Односите меѓу Република Македонија и Република Албанија во изминатите дваесет години постојано се продлабочуваат и никогаш не биле подобри, а целта на двете земји е влезот во европското семејство. Меѓу предизвиците останува почитувањето на правата на етничките заедници, на македонската во Албанија и на албанската во Македонија, заклучуваат актуелни и поранешни политичари од двете земји на прием на 12 декември во Тирана на одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
На приемот, организиран од македонската амбасада во Тирана, присуствуваа претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељановски, кој беше во официјална посета на Албанија, неговиот албански колега Илир Мета, актулениот министер за надворешни работи на Албанија Дитмир Бушати, поранешниот претседател на Албанија Бамир Топи, други поранешни фунцкионери во албанската влада, претставници на дипломатскиот кор и на здруженијата и партијата на Македонците во Албанија.
– Месецов се навршуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Албнија што е одличен повод да се потсетиме на сработеното и постигнатото, но и да изразиме подготвеност за дополнителното унапредување на севкупните односи меѓу двете држави со особено уважување и почитување, истакна во пригодното обраќање Трајко Вељаноски, претседател на Собранието на Македонија.
“Се 20 години кој ја покажаа потребата од заедничка поддршка и помош како единствен начин да се движиме кон просперитет на нашите земји, нашите народи и нашите граѓани … ќе продолжиме на овој пат да се подржуваме меѓусебно и да сме пример за сета регионална соработка “, рече Илир Мета, претседател на Собранието на Албанија.
Поранешниот претседател на Албанија Бамир Топи оцени дека односите меѓу двете земји се сметаат како одлични. – Ова сум имал прилика да го констатирам чекор по чекор, било како претседател на државата, било како политичар. Убеден сум дека овие односи се традиционални и дека Македонија и Албанија еден ден ќе бидат дел од европското семјество и евроатланските структури, вели Топи. Овие односи и негови познанства што ги стекнал со политичари од Македонија, посочува тој, се многу човечки и ослободени од предрасудите кои што сме ги имале во минатото.
Меѓутоа, она што е познато е фактот што Албанија се уште не ја признава под уставното име Република Македонија што по нејзиното влегување во НАТО веќе нема никакво оправдување.
Исто така, Албанија мора да покаже поголема волја за остварување на правата и слободите на македонската заедница, врз принципот на реципроцитет во билатералните односи со Македонија. (Македониум)