Група на македонски интелектуалци од Албанија бара Македонија да ги прекине преговорите за името

Група на македонски интелектуалци од Албанија преку писмо кое весник Македониум во целост го објавува, реагира на однесувањето на грчката влада во разговорите за разликата за државното име Македонија и бара од македонската влада да стави крај на разговорите и да побара безусловно продолжување на членството во Обединетите Нации под државното име Македонија.

Во продолжение ви го пренесуваме текстот на писмото:

“Ние група на Македонски интелектуалци во Албанија реагираме и протестираме против однесувањето на грчката влада во разговорите за разликата за државното име Македонија.

Македонската заедница во Албанија, од сите возрасти, во сите македонски населби во границите на Република Албанија, се чувствува понижена од однесувањето на грчката владата и нејзиното однесување го смета за злопамтило, недемократски, неевропски и продолжување на старите политики на грчките влади за денационализација и исчезнувањето на македонската нација, за да ги легитимира злосторствата, егзодусите, убиствата и масовните гробишта во Егејска Македонија.

Има повеќе од 20 години, како Западна Европа, предводена од грчката митологија, поддржува дискриминаторска политика против Македонците, секаде каде што тие живеат. Во патот на Македонија кон Европската унија ја присилуваат ова држава да ги исполни и тие критериуми кој ниту на сон не се видени, ниту на оној свет можи да се реализираат.

За нас е срамна и скандалозна европската политика на Балканот која секојдневно покажува се повеќе неуспех во очите на сите Македонци. Конфликтот не може да се реши кога си дел од него. Ова е маскарада, негирање на човековите права, оживување на старите форми на освојување помеѓу исчезнувањето на националниот идентитет.

За нас Македонците е сосема јасно која е политиката на нашите соседи за името на Македонија, сè е јасно како бел ден, нема човек во овој свет што не ja разбира, таа е политика од стотици години на негирање на нашиот народ, елиминирајќи секаков елемент на македонскиот идентитет до бришење на македонските имиња од камењата на гробовите на нашите предци.

Ние се срамиме денеска да зборуваме за ваквите проблеми, денес, кога светот се движи кон нови патишта на демократизација, за заштита на човековите права, слободата на движење, зближување на народите и др. Ние сме горди што припаѓаме на древна нација, чесни, вредни и мирољубиви, како никој друг во овој свет каде што живееме. Никој никогаш не видел лошо од нас, освен добрина, таму каде што има Македонците има добрина и просперитет, има мир и спокојство.

Ја повикуваме македонската влада да стави крај на разговорите за разликата за државното име Македонија со јужниот сосед Грција и да се побара безусловно продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни органи, организации и заедници под државното име Македонија.

Ги повикуваме сите Македонци кои живеат на територијата на Македонија да ја повратат било која повреда што е направена на нашиот национален идентитет, вклучувајќи што е можно поскоро враќање на нашите вековно знаме, затоа што оваа игра заврши.”- стои во писмото потпишано од група на македонски интелектуалци од Албанија. (Македониум)