Средба Груевски-Рама во Скопје

Македонија и Албанија имаат добри билатерални односи и обострана желба тие да се унапредуваат особено во делот на економската сфера, во интерес на двете земји и целиот регион, оценија македонскиот и албанскиот премиер Никола Груевски и Еди Рама по денешната средба во Скопје.

– Македонија останува проактивно ангажирана за унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка.  Веруваме дека сите предизвици може да бидат надминати со конструктувна политика во духот на европската соработка и духот на доброседството, а врз основа на принципите на почитување на суверинетитетот територијалниот интегритет и мирно решавање на предизвиците во отворен дијалог, рече македонскиот премиер.

Заемно било оценето дека постои континуитет на политичкиот дијалог, меѓусебно почитување и доверба и добра соработка на регионален план. На средбата акцент бил ставен на потребата од интензивирање и унапредување на економската соработка во патната и железничката инфраструктура, како и од повеќе проекти од областа на енергетското поврзување

Премиерот на Република Албанија истакна дека односите со Македонија имаат посебно значење за нив, исто, како што рече, и територијалниот интегритет на Македонија кој е од есенцијално значење за доброто движење на целиот регион кон Европската унија.

Албанија е заинтересирана за интензивни односи со соседите во случајот со Македонија во сите области. Подготвени сме за да отвориме нови патеки на соработка да ја зајакнеме еконмската соработка со конкретни идеи и проекти за заеднички развој, рече Рама.

Запрашан за оценка на правата на Албанците во Македонија, истакна дека тие се ангажирани во сите политички процеси, организирани и застапени и во Владата. Битно е, рече, Охридскиот договор да биде појдовна точка во сиот внатрешен политички процес во Македонија и да се импелемнтира како за одење напред и успех на Македонија, што Албанија од срце го поддржува. Не прецизира што Албанија ќе направи за унапредување на правата на Македонците во Албанија.

– Албанија ќе направи се за да го подобри животот на секој кој живее во земјата. Тоа е ангажман кој што Албанија го имала, го има и ќе го има без разлика која партија е на власт, истакна Рама одговарајќи на новинарски прашања.

Тој вели дека сите треба да сфатат дека иднината е заедничка и оти така треба да се гради во целиот регион.

– Сите треба да бидеме смирени, разумни и свесни за политичките процеси што ги налага времето. Секој израз на нетолерантност и насилство ги води процесите назад, а не напред. Заедничкиот пат е утврден. Ние поддржуваме интегрирање на Македонија во ЕУ и НАТО и поддржувачи сме на идејата дека заедничката иднина на овој регион во кој многу доцниме и сме се страдале низ генерации од разни конфликти и недоразбирања, е под небото на обединета Европа во која границите стануваат небитни кога се работи за обединување на сила, енергија, проекти и идеи за да се гарантира благосостојбата за сите подеднакво, рече Рама.

Македонскиот премиер Никола Груевски смета дека дијалогот е начинот по кој може да се дојде до решенија за сите проблеми. Меѓуетничките односи ги оцени како стабилни со отворен дијалог за сите предизвици.

Рама не даде одговор на прашањето дали Албанија во догледно време ќе ја признае Република Македонија под уставното име во интерес на добрососедските односи. Кусо порача дека Албанија дава поддршка на секое решение во однос на спорот за името со Грција.

– Убедени сме дека тој може да се реши и оти со добра волја тоа е прашање кое што е надминливо, рече албанскиот премиер.

Запрашан за коментар за неодамнешната средба со грчкиот претседател Папуљас во Тирана, Рама истакна дека не дошол овде да пренесува пораки. Дојдов, рече, како сосед и пријател да разговараме отворено онака како што тоа и го направивме.

Албанскиот премиер престојува во посета на Македонија по покана на македонскиот премиер Никола Груевски. Покрај со својот колега тој се сретна со претседателот Ѓорге Иванов,  и со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

На средбите со државниот врв на Македонија се оценија за добри односи помеѓу двете земји и се истакна потребата за овие односи да бидат проследени со зајакнување на економската соработка во области од заеднички интерес. (Македониум)