Најдено решение за градежната машинерија за асфалтирање на патот кај граничниот премин Џепиште-Требиште

Македонските царински службеници на граничниот премин Џепиште-Требиште ги пропуштија првите градежни машини, опрема и возила натоварени со градежен материјал кои ќе се користат за реконструкција на патот од Граничниот премин Џепиште-Требиште до центарот на селото Требиште, Општина Требиште областа на Голо Брдо.

Фирмата добитник на тендерот за асфалтирање на патот, граничен премин Џепиште-Требиште – центар на село Требиште, наиде на проблеми поради лошата состојба на патната инфраструктура в областа Голо Брдо и не асфалтираните патишта, кои не дозволуваат транспорт на градежни машини, опрема и товарни возила со градежен материјал неопходен за реконструкција и асфалтирање на патот. Единствен излез од ова ситуација беше градежните машини и товарните возила преку Ќафасан да влезат на македонска територија и преку граничниот премин Џепиште - Требиште повторно да влезат на албанска територија за да го реализираат тендерот.

За да им помогни на Македонците во Голо Брдо а по барање на Генералниот директорат на царини на Република Албанија до македонската Царина, Владата на Република Македонија донесе одлука за привременa промена на режимот на работа на граничниот премин Џепиште-Требиште.

Овој граничен премин, пуштен во употреба во мај оваа година, е инаку наменет за локален граничен сообраќај за луѓе и возила.

Царинската управа на Република Македонија ги презеде сите неопходни мерки за спроведување на царински надзор и контрола на Граничниот премин Џепиште-Требиште на машините, опремата, товарните возила и градежниот материјал неопходни за изградба на патот, сѐ додека траат градежните активности.

Реконструкцијата на овој пат е од интерес на Македонците од општина Требиште, Голо Брдо, бидејќи поради лошата економска состојба и лошата инфраструктура, Македонците од ова област доаѓаат на пазар, по работа, трговија и лекување во Дебар, додека најблизок град на албанска страна е Пешкопеја, оддалечен 80 километри и дотаму нема асфалтиран пат.

Се очекува реконструкција на патот од Граничниот премин Џепиште-Требиште до Општина Требиште да биде завршена најдоцна до март 2014 година. (Македониум)