Албанскиот аналитичар Илир Кула, во гостувањето на косовската телевизија ТВ1, го истакна македонското потекло на познатиот албански писател Стерјо Спасе, нагласувајќи го неговиот исклучителен придонес во албанската литература и јазик.

Говорејќи за личностите кои оставиле значаен белег во албанската култура и книжевност, Кула посебно го посочи Стерјо Спасе, писател со македонско потекло, роден во селото Глобочани, денешна Општина Пустец.
„Во нашата земја, еден од најдобрите говорители и пишувачи на албанскиот јазик е Македонецот Стерјо Спасе. Тој е поет, тој е писател“, истакна Илир Кула.
Во разговорот, новинарот на ТВ1 посочи дека многумина од помладите генерации ги имаат читано романите на Стерјо Спасе, потврдувајќи ја неговата препознатливост и значење во албанската книжевност.
Кула нагласи дека Стерјо Спасе пишувал на исклучително чист албански јазик, но истовремено јасно го истакна неговиот македонски национален идентитет.
„Стерјо Спасе пишува на многу чист албански јазик. Сега, што ќе кажеме за Стерјо Спасе, дека не е Македонец? Тој е Македонец, тој е од денешен Пустец. Но, зарем ќе кажеме дека тој не е албански писател од високо ниво, на ниво на оние кои се основачи, татковци на нашите темели? Секако дека е“, истакна Кула.
Оваа изјава ја потврдува важноста на препознавањето и почитувањето на македонското потекло на значајни личности кои дале голем придонес во културниот, книжевниот и општествениот живот на Албанија.
Примерот на Стерјо Спасе покажува дека националниот идентитет и културниот придонес не се исклучуваат, туку претставуваат дел од богатството на едно мултикултурно општество. Македонците во Албанија со право се гордеат со Стерјо Спасе, кој со своето творештво остави траен белег во албанската литература.
©Македониум
