Градоначалникот на Поградец: Би сакал училишта на македонски јазик во Поградец

 Артан Шкмби и Васил Стерјовски

Артан Шкмби и Васил Стерјовски

Градоначалникот на Поградец, Артан Шкмби на тркалезната маса по повод Рамковната конвенција за заштита на малцинствата во Москополе, Албанија, изјави дека не треба многу да се верува на меѓународните институции, затоа што тие работат на страна на државата и користат два стандарти.

– На некој начин меѓународните институции работат на страна на државата, упатуваат препораки. Таму каде што сакаат, поставуваат услови „Ако не се постигне ова, нема напредок“, а некаде не постапуваат така. Не верувам дека треба многу да се надеваме во премногу во меѓународните институции. Да, тие се неопходни, нивната помош е неопходна, ама треба повеќе притисок и од ваша страна и од наша, меѓународните инситутции не само да препорачуваат, туку и да ја принудуваат владата да исполни некои услови ако сака земјата да стане членка на ЕУ – вели Шкмби.

На излагањето на Васил Стерјовски од македонското малцинство дека Албанија не ги исполнува препораките на Советот на Европа за образование на мајчин јазик за малцинствата и не дозволува образование на македонски јазик во Голо Брдо, иако е испочитувана законската процедура, градоначалникот Артан Шкмби изјави дека многу би сакал во Поградец да има училишта за изучување на македонскиот јазик и тој прв би ги пратил своите деца да учат македонски јазик.

Од тркалезната маса во Москополе

Од тркалезната маса во Москополе

– Ние како локална власт сме поотворени за барањата на малцинствата. Ако добро разбрав, барате да се отворат неколку неколку класови за изучување на јазикот на некое малцинство и министерството се колеба да ги одобри или и го попречува овој процес. Ние сме многу поотворени и посакуваме тоа да се случи во нашите градови. Посакуваме, затоа што поблиску ги знаеме нашите граѓани и нивните потреби. Посакувам во Поградец да имавме училиште на македонски јазик, затоа што јас прв моите деца ќе ги пратев да учат македонски јазик. Ние сме само половина час далеку од Охрид, па јас и мојата сопруга и децата за викенд одиме натаму и малку пазаруваме. Бидејќи не го знае јазикот, моето дете тешко ќе се разбере и мора да се изразува со рацете, со знаци. Исто е и со некои луѓе кои ни се поблиску – од Прењас, Корча или Елбасан. Сакаме да го развиеме регионалниот туризам, сакаме луѓето да се движат во Охрид, Струга и Поградец, и ако не можеме да комуницираме, не ќе може да го развиваме туризмот и да ја унапредуваме благосостојбата. Го дадов ова како пример за да кажам дека ние посакуваме да има ваква размена, додека централната власт сигурно мисли дека ако зајакнуваат малцинствата, се зголемува бројот на „странци“ – вели Артан Шкмби.

Тој на крајот вети дека општината ќе обезбеди бесплатно простории кои би се користеле за одржување курсеви по македонски јазик. (Македониум)