Унапредување на политичките и економските односи со Република Албанија, како и на правата на македонското малцинство, ќе бидат меѓу приоритетните дипломатски активности на новоименуваниот амбасадор на Република Македонија во Албанија, Стојан Карајанов, кој пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика ја претстави својата платформа.
Во однос на македонското национално малцинство рече дека проблем е признавањето на нивните права, кое вели, е и главната забелешка на ЕУ и еден од условите за земјата да добие статус на кандидат за членка. Според него, грешката е направена со пописот од 2011 година каде се регистрирани само 5.521 Македонец, за што има и жалба до Стразбур заедно со грчкото и влашкото малцинство.
– Новата Влада на Еди Рама ќе мора да посвети далеку поголемо влијание. Доколку се придвижат работите во оваа насока, во координација со институциите кај нас имам намера да предложиме потпишување спогодба за признавање на правата на малцинствата, обострано, вели Карајанов.
Тој најави можност за отворање и Македонски културно-информативен центар во Албанија и воведување конзуларни денови во Пустец и Голо Брдо каде живее доминатно македонско население.
Од амбасадорот Карајанов беше побарано како еден од приоритетите да го стави признавањето на уставното име на Република Македонија од страна на Албанија која е единствен сосед освен Грција што ја нема признаено Македонија под уставното име.
Македонскиот амбасадор, Стојан Карајанов, од Приштина, на 1-ви септември ќе биде префрлен во Тирана, каде ќе го замени Веле Трпевски, кој е назначен за амбасадор на Македонија во Австралија. (Македониум)