Многу сум бесен што прашањето за името ја блокира Македонија за членство во ЕУ и НАТО. Сум учествувал на неколку дебати и во Европската Унија, а особено во НАТО како премиер и претседател на Чешка и секогаш отворено сум се залагал за Македонија.
Ова го одговори европскиот политичар, прашан за мислење за спорот што Грција и го наметнува на Македонија, посебно во насока на блокада на македонските евроинтеграции.
-Мислам дека засега односите меѓу нашите две држави се одвиваат одлично, особено во последните неколку години и на политичко и на економско ниво и навистина се пример за добри и богати односи меѓу две пријателски држави, вели поранешниот премиер на Чешка, Вацлав Каулас во интервју за весникот Дневник.
Клаус смета дека во Европската Унија нема дефицит од демократија, туку нема демократија.
По пет позитивни извештаи и без датум за преговори и во Македонија почнува да се создава перцепција дека во ЕУ владее лицемерство. За тоа дали има вистинска демократија во Унијата и важат ли таму принципите, Клаус вели не.
-Дефинитивно не! Она што во последно време е прифатливо или политички коректно во Европа е да се зборува за демократски дефицит. Ова е терминот што го користат европските комисионери. Но јас би рекол дека овој термин – демократски дефицит – е само еуфемизам, замена за состојбата бидејќи реалната ситуација во Европа е многу полоша. Не се работи само за дефицит, туку за недостаток. Дефицит би значело дека се соочувате со одредени мали проблеми, а овде се работи за фундаментални проблеми, што ме враќа на она што веќе го реков: демократија може да постои само во рамките на националните држави, во Македонија, или во Чешка, или во Шведска, но не можете да креирате демократија на ниво на еден континент. Не можете да имате европска демократија, азиска демократија или африканска демократија. Можете да имате демократија во една или друга азиска демократија, но не можете да ја централизирате на ниво на еден континент. Тоа е невозможна мисија! Што се донесува до принципите, тоа е друго прашање. На пример, Kопенхашките критериуми се одредени поенти, кои треба да ги исполнат новите држави што сакат да влезат во клубот. Друго прашање е дали станува збор за тоа дали овие правила за влез сe коректни, дали ве потценуваат кога ви мерат дали сте ги исполниле или дали играат политички игри преку критериумите, изјавува европскиот политичар. (Македониум)