Ервин Никола: Придонесот на мојот татко Фоте Никола за изучување на македонскиот јазик

На научната конференција „80 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“, што се одржа во Корча, свое обраќање имаше и Ервин Никола за придонесот на неговиот татко Фоте Никола за изучување на македонскиот јазик во Албанија.

Подолу го пренесуваме неговото обраќање:

Почитувани учесници, најпрво ви благодарам што ми ја давате можноста на овој 80-годишен јубилеј на образованието на македонски јазик да кажам две зборови за мојот татко, Фотe Никола, скромниот и трудољубив човек. Тој повеќе не е физички со нас, но живее на страниците од книгите и во сеќавањата на оние што го познаваа, бидејќи својот живот го посвети на образованието, информирањето и пишувањето текстови за луѓето од Преспа и за целиот македонски малцински народ, на кој припаѓаме и јас и моите деца.

Растев во дом исполнет со книги, слушајќи го тропкањето на македонските букви од една машина за пишување што и денеска ја чувам со голема почит. Растев гледајќи го мојот татко како се наведнува пишувајќи со часови, над листовите што мирисаа на јаглерод и олово, бидејќи таква беше технологијата. Мојот татко Фоте и неговата машина за пишување, мојот татко и радиопрограмата, беа двојка што ме придружуваше повеќе од една деценија. Никогаш не ме вознемируваше неговата одлучност и посветеност, бидејќи мојот татко не можеше да биде поинаков. Мирисот на новоотпечатените книги, кои често самиот ги носеше од Тирана, се претвораше во радост за успешно завршена работа, која бараше многу посветеност и труд. Македонскиот јазик го сакам и заради неговата посветеност. Се чувствував горд што гласот што ги пренесуваше вестите на македонски јазик на Радио Корча беше гласот на мојот татко.

Денес се чувствувам горд што на овој 80-годишен јубилеј на образованието на мајчиниот македонски јазик доаѓам како наследник на човек што македонскиот јазик и луѓето од малцинството ги сакаше безусловно. Горд сум на секоја буква што ја напишал, на секоја училишна книга, но и на многуте други изданија, каде што би го истакнал: „Литературни творци од македонското малцинство во Албанија“, објавено на македонски и албански јазик, како и неговата посветеност за повторното издавање на албанско-македонскиот речник на Никола Беровски. Многу од неговите статии за образованието, фолклорот и традициите на Македонците во Албанија ги чувам со голема грижа.

Се сеќавам како денес на деновите на основањето на партијата што денес е позната како Македонска алијанса за европска интеграција; на посветеноста и решителноста на мојот татко и неговите пријатели што се собираа и во нашиот дом за да ја подготват програмата. Во последната деценија од својата работа, мојот татко беше член на Комитетот за малцинства при Владата на Република Албанија, како круна на еден живот посветен на неговите луѓе.

Јас сум од Шулин, син на Фоте и внук на Богдан, и сум горд на јазикот и малцинството на кое му припаѓам.

Ви благодарам.

©Македониум