Вистината боли, ама таква е!

На 19 август 2024 година излезе еден текст, кој го предизвика мојот професионален интерес и, за кој решив да напишам еден осврт.

Станува збор за текстот на Марјана Дода, под наслов “Jehona e irredentizmit dhe minoriteti bullgar në Ballkan” („Одгласот на иредентизмот и бугарското малцинство на Балканот“) во албанскиот портал Аргументум (https://www.argumentum.al/jehona-e-irredentizmit-dhe-minoriteti-bullgar-ne-ballkan/).

Темата која авторката решила да ја претстави на јавноста е многу актуелна, а нејзиниот пристап е исклучително рационален и соодветен на состојбите кои таа ги согледала во последниве години. Како професионален историчар кој со децении се занимава со историјата на македонско-албанските релации од 19 век до денес, кај Дода прочитав еден мој долгогодишен став дека „ … малцинствата според мене се мост меѓу две земји и два народи без разлика каде се наоѓаат, или барем треба да биде, бидејќи тие го имаат целиот потенцијал да дејствуваат како вистински амбасадори како мост меѓу народите, да промовираат меѓукултурно разбирање и соработка“. Токму таква била и треба да биде улогата на малцинствата во една држава. Но, Дода забележува дека „… како што ни покажа поновата историја на Балканот, малцинствата можат да станат извори на тензии и конфликти“. Оваа констатација ја образложува со современата улога на Бугарија и нејзината аспирација Македонците да ги трансформира во Бугари, каде и да се наоѓаат. Ваквата тенденција на бугарската држава Дода ја коментира: „Тврдењата на Бугарија во однос на малцинствата во регионот зависат од историскиот и политичкиот контекст. Додека историчарите и научните академици сè уште не излегле со факти и документи за јасно да го дефинираат прашањето за малцинствата во нашите земји, политичарите се тие кои ја пополнуваат оваа празнина според нивниот апетит и политички интерес“. Во оваа прилика ќе кажам дека македонските историчари и научните академици многу темелно го имаат образложено деценискиот бугарски атак врз македонскиот народ, чиј најголем експонент беше Тодор Живков. Тој беше креатор на група од неколкумина добро платени „научници“ кои требаше да „создадат“ историја за бугарското потекло на Македонците. Иако, историја одамна има потврдено дека бугарскиот народ е потомок на „аспаруховите“ татарските племиња, додека Македонците ги влечат своите корени од антички и словенски племиња. Нејсе, тоа им е јасно на сите во светот освен на новопечените Тракијци.

Во продолжение Дода пишува дека: „Тврдењата на Бугарија за малцинствата трескавично повторно се разбудија, особено по нејзиното членство во Европската унија, каде што различните малцинства кои живеат долж границата во Албанија, Северна Македонија и Србија, беа намамени со бугарскиот пасош, кој им овозможи да заминат во ЕУ. Исто така, Бугарија го искористи своето влијание во Европската Унија за да ги реши прашањата на малцинствата и да обезбеди заштита на нивните права во регионот. Тоа беше направено во рамките на напорите за проширување на ЕУ и интеграција на другите земји од Западен Балкан“. Како потврда на ваквиот нејзин став сакам да го наведам изготвувањето на една стратегија од страна на Бугарија наречена „Бугарската политика кон Република Македонија“ издадаена во 2008 година. (https://mk.wikisource.org/wiki Бугарската_политика_спрема_Република_Македониjа). Да се потсетиме дека Бугарија беше политички примена во ЕУ во јануари 2007 година. Фактот што оваа бугарска стратегија е подготвувана токму после нејзиното пристапување во ЕУ и е издадена само една година потоа, го потврдува напишаното од Дода дека: „ Тврдењата на Бугарија за малцинствата трескавично повторно се разбудија, особено по нејзиното членство во Европската унија …“. Во таа стратегија, покрај изливот на фалсификати и токсични коментари во однос на македонскиот народ и македонската држава, бугарските „европејци“ запишале дека бараат: „1.1.3. Рамноправност на Бугарите во Република Македониjа (сите, кои jасно се самоидфентификуваат како такви) со останатите етноси во склад со локалното национално законодавство, кое предвидува нивно наброjување во преамбулата на Уставот на земjата; покраj наброените Албанци, Турци, Власи и Роми, и потоа додадени Срби и Босанци, треба да наjдат место и Бугарите, независно од нивниот броj, официjално деклариран во Република Македониjа“. Согласно таа стратегија во нејзината реализација биле предвидени и „2.1.1. Инструментите за применувањето на бугарската политика (институции како министерства, државни агенции, општини, амбасади, исто и научни установи, лобисти, политичари и др.);“. И би. Се вклучи целата бугарска машинерија за во Македонија да се изнајдат Бугари, а начините да се создадае „природно бугарско лоби“ требало да се одвива на овој начин: „2.2.13. Да се создадат условите за зачувување и проширување опсегот за школување во бугарски колеџи и универзитети на студенти од Република Македонија; да се создадат соодветни форми за одржување на понатамошни контакти меѓу и со нив, како природно бугарско лоби во нивната земјата, и како пожелни потенцијални учесници во сe попривлечниот бугарски пазар на трудот.“

Но, бугарската стратегија не била темелно подготвена само за Република Македонија, независно од насловот, туку и за други држави каде живеат Македонци. Така, повторно користејќи ја својата маргинална, но политички заслужена, улога во ЕУ, бугарската стратегија ги подучува властите во Албанија да обезбедат „1.2.1. Рамноправност на Бугарите во Албаниjа со останатите етноси во склад со практиката и законодавството на земjата во таа област, т.е. официjално признавање на бугарското малцинство покраj другите официjално признати малцинства – независно од броjот на самоидентификуваните како Бугари“. Сакајќи да напредува кон евроинтеграциите, албанската држава го исполни барањето на „европска“ Бугарија и без ниту еден самоидентификуван Бугарин на било кој официјален попис, во 2017 гоидна во Законот за малцинства на Република Албанија се „изнајдоа“ Бугари.

Секако, истото барање се појавува во бугарската стратегија и за Косово.

Она што е заедничко за трите држави е заканувањето во бугарската стратегија, а кое бугарската држава ревносно го форсира кое гласи: „Почитувањето на оваа рамправност треба да биде составен дел од оценките на Бугариjа и ЕУ за напредокот на Албаниjа во постигнување на задолжителните услови и стандарди за зачленување во ЕУ, и слично за НАТО“.
Од резултатите на пописот во Албанија во 2023 година, јасно се покажа дека стратегијата на бугарските научници беше во целост беше спроведен од бугарските политичари.

Но, додека го пишував освртот кон овој текст, на кој патем, имав намера подолго да се задржам, на истиот портал се појави реакција на написот под наслов: „Reagim ndaj artikullit “Jehona e irredentizmit dhe minoriteti bullgar në Ballkan”
(https://www.argumentum.al/reagim-ndaj-artikullit-jehona-e-irredentizmit-dhe-minoriteti-bullgar-ne-ballkan/).

На неговиот текст нема да го трошам вашето време за читање бидејќи не вообичајувам да анализирам текстови на автори за една употреба и со дијаметрално различни ставови испишани зависно од потребата на менторите на авторот. Имено, Антон Панчев во еден свој текст „ Крајно време е да ја промениме нашата политика кон Албанија “ од 20 мај 2024 година пишува дека „ Крајно време е да ја промениме нашата политика кон Албанија. Ултиматумот и евентуалното последователно прекинување на дипломатските односи со Албанија нема да ги загрози бугарските интереси ниту во самата Албанија, ниту на Балканот. Бугарското малцинство во Албанија е веќе признаено и сите дејствија против него ќе влијаат на процесот на европска интеграција на Албанија. Економските односи меѓу нашите земји не се особено развиени и Бугарија е клучниот субјект во економските односи, особено во областа на енергетиката. Не ни е потребна поддршката на Албанија во ниту една значајна сфера на меѓународните односи.“ Со ваквиот негов став јасно се потцртува дека од односот на албанската држава кон непостоечките Бугари во Албанија ќе зависи и европската иднина на албанската држава. Но, критичноста на Панчев продолжува со констатација „Оваа ситуација нѝ обезбедува поволна средина за дејствување.

Бугарија мора да ѝ постави јасни и ултиматумски услови на Тирана: јавно извинување на Еди Рама до Бугарија за неговите изјави и постапки против нашата земја во последните две години, крај на секоја антибугарска пропаганда на властите во Албанија, недвосмислена поддршка за правата на Бугарите во Македонија. Само отворениот бугарски притисок кон официјална Тирана може да донесе резултати и да ги заштити Бугарите во Република Македонија и во Република Албанија. Секое двоумење во оваа насока само ќе и наштети на нашата политика во земјите од т.н Западен Балкан и ќе ги оштети правата на бугарските заедници во овој регион“.

Затоа пак, овој „горостас“ од научник во реакцијата на текстот на Дода, забележува дека „ … политиката на Бугарија кон Албанија може да се окарактеризира како многу пријателска политика и за овие 110 години од нашите дипломатски односи, Бугарија секогаш ја поддржувала Албанија и не преземала никаков непријателски чин кон неа“. Ова ќе го разберев доколку во меѓународните односи поставувањето на јасни и ултиматумски услови влегува во категоријата „многу пријателска политика“.

И кога веќе Антон Панчев се впушта во анализа на чувствата на членовите на македонското малцинство во Албанија чинам дека е упатно да ги прочита нивните авторските дела кои патем, се печатени без никаква финансиска помош од никого.

Информативно, само неколку наслови, без детали: Миранда Шутина, На Радуч (поезија); Цветан Манику, Поговорки; Гуре Дума, Мала Преспа; Писма за мојот внук Ариан во Тирана: испратени од Македонија и Косово, 13 март-13 април, 1975 година; Velo Cfarku, Golloborda në optikën e kohës; Pavli Nikola, Vërnica;Spase Mazenkovski, Histori e shkurtët e popullit maqedonas (Pjesë nga histiria e Maqedonisë); Мехмет Хоџа, Македонските Горани во Албанија (Гора и Гораните – физички, историски и етнокултурен осврт).

Патем. Би било упатно Антон Панчев да ги прочита и написите во МАКЕДОНСКИТЕ весници кои излегува/ат во Албанија како МИР, Преспа и Весникот „Илинден“.

Или, доколку сака да ја продолжи дискусијата на оваа тема, може да ми посочи исти такви дела на Бугари од Албанија, кои поради нивната самосвест вложиле труд и свои пари за да остават аманет до своите потомци.

Можеби ќе биде нескромно, ама ете јас во оваа прилика на Антон Панчев ќе му ја препорачам и мојата книга „Добрососедска лакрдија“, за која верувам дека ќе напише контракнига, оти тоа е работата на платениците кои не знаат што и кога напишале.

Но, секако, читањето дури и на вакви нарачки од текстови, може да ве поучи. Во делот каде Антон Панчев „стручно“ објаснува дека „Уставот на Република Северна Македонија опфаќа колективни права на етничка основа и ниту една етничка заедница не може да биде дискриминирана и лишена од секое право што е во Уставот на државата. Бугарската држава никогаш не ја притиснала македонската држава каков уставен модел да прифати, но не може да дозволи да се ограничат основните права на бугарската заедница во оваа земја. Уставниот модел на Република Бугарија е либерален модел заснован на заштита на индивидуалните права. Секоја етничка и верска заедница ги има своите целосни културни права и индивидуално право на еднакво учество во политичкиот, економскиот и општествениот живот на земјата.“

Од овој дел на Панчев научив дека Македонците во Бугарија залудно ја тужеле бугарската држава „колективно“ на Судот за човекови права во Стразбур бидејќи требало да ја тужат „индивидуално“ и така како индивидуалци да се изборат за своите основни човекови права на самоизјаснување како Македонци. А, потоа, нели, како индивидуалци да се организираат колективно. И, искрено мислам дека дури и правниот застапника на Македонците од Пиринска Македонија, Тони Менкиновски, треба да размисли за поуката која нѝ ја дава бугарскиот албанолог.

Проф. д-р Катерина Тодороска