Во село Глобочени, Општина Пустец, делегација на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) положи цвеќе на бистата на писателот со македонско потекло Стерјо Спасе, во чест на 110-годишнината од неговото раѓање, информираше за МИА Васил Стерјовски, лидер на партијата.
– Глобочени и Преспа со право се горди што на Албанија и дадоа еден бесмртен писател, чијшто дела се не само вградени во сржта на албанската книжевност, туку и ја отсликуваат значајната улога на Македонците во албанското општество, рече Стерјовски.
Според него, колосот на современата албанска литература Стерјо Спасе, преку своите дела инспирираше и едуцираше цели генерации Албанци, секогаш гордо истакнувајќи ги своите македонски корени.
Стерјо Спасе е роден во село Глобочени, Мала Преспа во 1914 година, а починал во Тирана, во 1989 годна.
Тој е познат писател со македонско потекло и е еден од основоположниците и најзначајните претставници на современата албанска литература.
Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби во Мала Преспа.
Покрај во Албанија, се школувал на Универзитетот Флоренца во Италија, додека магистрирал во тогашниот СССР. Автор е на петнаесетина романи и многу раскази.
Негово најпознато книжевно дело е романот „Од живот за живот – зошто?“,кој е напишан во вид на дневник и се фокусира на една трагична дилема на млад интелектуалец на село.
Во неговото родно Глобочени пред две години отворен беше Музејот „Стерјо Спасе“, кој е посакувана дестинација на туристите, а и место за многу културни настани на Македонците.
На плоштадот во селото во 2014 година беше откриена бронзена биста на Спасе.
©Македониум