На 5 август 2024 година, во Корча се одржа седница на Централниот комитет на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, под претседателство на Васил Стерјовски.
Централниот комитет на Македонска алијанса за европска интеграција ја разгледа актуелната состојба во партијата и државата, а во врска со пописот на населението во септември 2023 година и објавата на прелиминарните резултати годинава и утврди посебна декларација која ја објавуваме во целост.
ИМАЈЌИ ја предвид антимакедонската политика на Бугарската Влада во Албанија,
СООЧЕНИ со агресијата на бугарскиот национал-шовинизам и наци-фашизам за денационализација и асимилација на етничките Македонци во Албанија во “етнички Бугари“, и
СВЕСНИ за последиците од антимакедонизмот на Софија,
Централниот комитет на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) на состанокот оддржан во Корча, Република Албанија на 4 август 2024 година, утврди
ДЕКЛАРАЦИЈА
(1) Ги отфрламе прелиминарните пописни резултати од пописот одржан во Албанија од 18 септември до 16 ноември 2023 година, поради фалсификат на бројот на етничките Македонци, со грубо мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија пред и за време на пописот на населението.
(2) И покрај постојаното алармирање пред јавноста и институцииите на власта на Албанија во текот на цела година, за очигледните подготовки за пописен фалсификат, изразуваме жалење поради незаинтересираноста на Албанската Влада за грубото мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија со цел денационализација и асимилација на Македонците во областите и местата каде што живеат. Жалиме што Албанската Влада не презедоа мерки за заштита на правата и слободите на Македонците во Албанија.
(3) Македонците и другите малцинства во Албанија не го прифаќаат пописот од 2023 година и бараат нов попис на населението во согласност со меѓународните стандарди заради манипулација со бројките на малцинствата.
(4) Во Албанија, според сите историски факти и пописи спроведени со годините назад, вклучувајќи го и пописот од 2011, во областите Преспа, Голо Брдо, Гора и Врбник, каде што Бугарија “бара“ бугарско малцинство, има самопрогласено македонско малцинство кое го има истиот фолклор, традиција и јазик како Македонскиот народ во целина во сите држави на Балканот, живее во компактни области на границата со Македонија и има територијален континуитет со државата Македонија, нема никаква врска со Бугарија.
(5) Бараме забрана за активностите и донациите од страна на Бугарија, бугарската амбасада во Тирана и бугарските фондациии во областите каде што живее македонската заедница, претставувајќи ги како Бугари, бидејќи овие дела претставуваат грубо мешање во внатрешните работи на Албанија и поттикнуваат етничка нетрпеливост. Македонците во Албанија се лојални граѓани и даночни обврзници.
(6) Бараме од Албанија да вложи во развојот на регионите каде што живеат Македонците, бидејќи тие се најсиромашни региони во Албанија запоставени во изминатите 30 години, за подобрување на условите за живот и работа. Не смееме како држава и општество да дозволиме, поради сиромаштијата, нашите сограѓани да станат жртви во обидите за негација и асимилација од страна на Бугарија.
(7) Даваме целосна поддршка на раководството на партијата Македонска алијанса за европска интеграција и најостро ги осудуваме кoордираните напади врз Македонска алијанса за европска интеграција од различни структури од Бугарија, Албанија и Македонија со цел дефокусирање на вниманието од заедничкиот непријател на Македонците во Албанија и воопшто во светот – Владата во Софија!
(8) Македонска алијанса за европска интеграција ги повикува сите Македонци членови на други политички партии во Албанија да пристапат во единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција.
(9) Ги повикуваме на единство сите Македонци од Албанија кои живеат и работат надвор од нејзините граници во светот, заради одбрана на македонскиот идентитет пред институциите на власта во Албанија и пред меѓународните организаци за човековите и граѓанските права и слободи.
(10) Етничките Македонци се лојални албански државјани, но претставуваат неотуѓив, нераскинлив и неостапен дел од Македонскиот народ како носител на државноста во Македонија.
(11) Ја повикуваме Македонската Влада на грижа за положбата, правата и слободите на Македонската заедница во Албанија и изготвување на долгорочна национална стратегија поддржана од сите македонски партии, и од власта и опозицијата.
(12) Македонска алијанса за европска интеграција ќе продолжи да не се меша во политичките пресметки во Република Македонија и да не зазема страна. Институционално ќе соработува со сите политички партии и институциите на власта во Република Македонија.
(13) Очекуваме политичките партии и институциите на власта од Република Македонија, да ја поддржуваат Македонската партија во Албанија и заштитата на правата на Македонците, без разлика со кого ќе коалицираат во Албанија.
(14) Го овластуваме претседателството на Македонска алијанса за европска итеграција да ги превземе сите мерки и пред судовите во Албанија да ги оспори бројките од пописот и пописниот иженерениг за Македонците и да го отфрли пописот како груб фалсификат поради бројните нерегуларности и надворешно влијание за пописни манипулации.
(15) Оваа Декларација се доставува до: Собранието, Владата, Претседателот, Државниот институт за статистика и Народниот правобранител на Албанија, Претседателот, Собранието и Владата на Македонија, како и до Европската Унија, Советот на Европа, ОБСЕ, Европската слободна алијанса и дипломатско-конзуларните претставништва во Албанија.
©Македониум