ОДРЖАНА СЕДНИЦА НА ЦЕНТРАЛНИОТ КОМИТЕТ НА ЕДИНСТВЕНАТА МАКЕДОНСКА ПАРТИЈА ВО АЛБАНИЈА

Денеска, во Корча се одржа седница на Централниот комитет на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, под претседателство на Васил Стерјовски.

Централниот комитет на Македонска алијанса за европска интеграција ја разгледа актуелната состојба во партијата и државата, во врска со пописот на населението во септември 2023 година и објавата на прелиминарните резултати годинава.

За Македонска алијанса за европска интеграција пописот е фалсификуван со грубо мешање на Бугарија во пописната операција пред и за време на пописот, за тоа се информирани дипломатско-конзуларните претставништва во Албанија и меѓународните организации, и се бара нов попис на населението во согласност со меѓународните стандарди. Ова е став на сите национални малцинства со кои е воспоставена координација и усвоена заедничка декларација.

Централниот комитет даде целосна поддршка на претседателот Васил Стерјовски и претседателството на партијата во заштита и афирмација на правата и слободите на Македонците и унапредување на положбата на Македонската заедница во Албанија.

Централниот комитет усвои насоки за зголемување на бројот на членовите на партијата и формирањето на бејзини месни и општински комитети на територијата на Албанија и повика на семакедонско обединување против обидите на Владата во Софија и бугарската амбасада во Тирана за денационализација и асимилација на Македонците во Албанија.

Претседателот Стерјовски го информира Централниот комитет за средбата на делегација на партијата со претседателката на Македонија проф.д-р Гордана Сиљановска Давкова за грижа на Македонската држава за положбата и правата на Македонците во Албанија во рамките на македонско-албанските билатерални односи.

©Македониум