ВАСИЛ СТЕРЈОВСКИ: ГИ ОТФРЛАМЕ ПОПИСНИТЕ РЕЗУЛТАТИ ПОРАДИ ФАЛСИФИКАТ ЗА БРОЈОТ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА

Во дворот на македонската православна црква “Успение на Пресвета Богородица” во потпелистерското село Трново, битолско, и годинава како и досега, на 2 август 2024 година се одржа 53-та Семакедонска средба 2024, во организација на Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.

Обраќање пред присутните имаше претседателот на единствената македонска партија – Македонска алијанса за европска интеграција, м-р Васил Стерјовски, кој го пренесуваме во целост.

– Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, почитувани дами и господа, во името на Македонска алијанса за европска интеграција Ви пренесувам најсрдечни поздрави и искрено задоволство што сме заедно на денешната традиционална педесет и трета Семакедонска средба Трново 2024. Денес одбележуваме 121 година од Илинденското востание и 80 години од првото заседание на АСНОМ. Овие настани се светилници на нашиот народ, потсетувајќи не’ на храброста и на решителноста на нашите претци, кои се бореа за слобода и независност. Илинден е симбол на нашиот колективен дух, доказ за нашата посветеност на слободата и олицетворение на нашето културно наследство. Токму на овој ден, пред повеќе од еден век, нашите предци ги поттикнаа ветровите на бунтот, сонувајќи за татковина во која слободата нема да биде привилегија, туку основно право. Иако востанието беше брутално задушено, духот на Илинден остана жив и продолжи да гори како светилник на нашиот национален идентитет.

– Драги Македонци, Илинден има посебно значење за нас Македонците во Албанија. Македонските села во Албанија активно учествуваа во подговотвките за општомакедонско востание. И во Втората светска војна, Македонците во Албанија активно се вклучија во партизанските движења и помогнаа во ослободувањето на Македонија и Албанија од нацифашизмот. Ние, Македонците во Албанија, сме лојални граѓани, придонесуваме за просперитетот на Албанија, но истовремено го чуваме и нашето македонско културно-историско наследство.

Сепак, денес, се соочуваме со предизвици кои бараат и наша решителност и единство. Македонска алијанса за европска интеграција ги отфрла прелиминарните пописни резултати од пописот одржан во Албанија минатата година, поради фалсификат на бројот на етничките Македонци, со грубо мешање во внатрешните работи на Албанија од страна на Бугарија, пред и за време на пописот на населението во Албанија. И покрај постојаното алармирање пред јавноста и институциите на власта во Албанија во текот на цела година, за очигледните подготовки за пописен фалсификат, изразуваме жалење поради незаинтересираноста на албанската влада, за грубо мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија со цел денационализација и асимилација на Македонците во областите и местата каде што живеат. Жалиме што албанската влада не презеде мерки за заштита на правата и слободите на Македонците во Албанија. Македонците и другите малцинства во Албанија не го прифаќаат пописот од 2023 година и бараат нов попис на населението во согласност со меѓународните стандарди заради манипулации со бројките на малцинствата.

Во ова време на евро-атлантски интеграции, важно е да се осигура дека правата и идентитетот на Македонците во Албанија ќе бидат заштитени и почитувани. Не смееме да дозволиме обиди за денационализација и асимилација да го поткопат нашиот идентитет и културно-историско наследство. Илинден не’ учи да застанеме цврсто, да ги браниме нашите права и да го чуваме нашето културно-историско наследство. Македонците во Албанија се нераскинлив дел од Македонскиот народ без разлика на границите! Нека е честит и вековит македонскиот национален празник Илинден! Да живее Македонскиот народ! Ви благодарам на вниманието!

©Македониум