Јовановски: Не’ радуваат сите успеси на Македонците во Мала Преспа и во Албанија

Поздравен говор на Ташко Јовановски, од Форумот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија на манифестацијата организирана од партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), а во соработка со здруженијата на Македонците со потекло од Егејска Македонија, во чест на семакедонските и сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

– Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, благодариме на гостопримството на Васил Стерјовски претседател на Македонската партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и на заменик/градоначалникот на Пустец, Атанас Плоча.

Во името на Форумот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија Ви го честитам 24 мај – Денот на семакедонските и сесловенските просветители и рамноапостоли светите солунски браќа Македонците Кирил и Методиј.

Не’ радуваат сите успеси на Македонците во Мала Преспа и во Албанија. И овој Музеј посветен на Стерјо Спасе во Глобочани, зборува за големината на Македонците во Албанија и нивните вредности – Македонското име, јазик, култура и историја.

Сите носиме дел од македонската голема и тешка историја. Ние од Егејот – душата на Македонија, насилно прогонети во Балканските војни и Граѓанската војна во Грција, вие во Албанија, Македонците во Пиринскиот дел на Македонија во Бугарија…

И покрај сите душмани, гордо велиме: Ние не сме Грци, не сме Бугари, не сме Албанци, ниту Срби – ние сите сме само Македонци!

Мило ни е што, конечно сите Македонци од целиот свет, па и ние, можеме да положиме цвеќе на великанот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев во Пустец, на плоштадот Гоце Делчев пред црквата Свети Архангел Михаил.

Верувам ќе уживаме во предавањето и проекцијата на филмот за прогонството на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година. Да живее Македонија и Македонскиот народ!

©Македониум