Подготовки за идните активности на курсот по македонски јазик во Тирана

Денес на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана амбасадорот Данчо Марковски иницираше работен состанок со деканот проф. др. Есмералда Кромида, продеканот за меѓународна соработка проф. др. Дрита Рира и лекторот по македонски јазик проф. Славица Свидерска.

На средбата беа разгледани досегашните активности на курсот по македонски јазик од неговото отворање, постигнатите резултати и идните проекти за идната учебна година. Деканката Кромида мошне позитивно ја оцени работата на курсот, нагласувајќи дека истиот целосно се вклопил во програмата на Факултетот заедно со останатите курсеви кои што се изучуваат. Изрази задоволство од работата на лекторот Свидерска и воспоставениот непосреден однос со студентите.

Професор Рира ја истакна потребата од неодложно воспоставување непосредна соработка со Филолошкиот факултет при Универзитетот Св „Кирил и Методиј“ со цел организирање учество научни конференции, размена на професори, заеднички настап на разни меѓународни проекти и други настани од заеднички интерес.

Лекторката Свидерска ја претстави програмата за идната година во делот на Вториот циклус по македонски јазик. Посебно се осврна на проектот „Употребата на вештачката интелигенција како инструмент во преведувањето на текстови“ предложен од студентите.

Амбасадорот Марковски посебно ја истакна потребата за создавање можности за промовирање на преведувачи. Потенцираше дека актуелната состојба од неколку преведувачи за македонски јазик е целосно неприфатлива. Заеднички беше констатирано дека ова мора да се промени во идниот период.

©Македониум