Одбележана 150-годишнината од раѓањето на големиот костурски војвода Васил Чакаларов

Со положување на свежо цвеќе пред споменикот на војводата Васил Чакаларов и со свечена академија во Скопје беше одбележана 150 годишнината од раѓањето на големиот костурски војвода Васил Чакаларов. Организатор на овој настан беа здруженијата на Македонците по потекло од Егејскиот дел на Македонија.

Свечената академија ја отвори Сотир Лукровски, координаторот на овие здруженија. Тој во својот емотивен говор направи паралела помеѓу заветот на претците кои биле рамо до рамо во борбите со војводата и нашите идни генерации на кои треба да го предадеме Чакаларов за да се зачува од заборавот како пример за Македонец.

Македонија има уште многу Чакаларовци, рече Лукроски.

За ликот и делото на костурскиот војвода зборуваше Илија Василески, магистер по историски науки.

Пред присутните зборуваше и Ламбро поп Димитров, соселанец на Чакаларов (село Смрдеш). Димитров, кој инаку има 90 години, пренесе интересни настани од историјата на Егејска Македонија и делувањето на Чакаларов.

На настанот во присуство на професорот Никола Жежов беше промовирана и неговата најнова книга „Васил Чакаларов ВМРО и Македонија, спомени и документи“.

На настанот присуствуваа претставници на МПЦ, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, историчари, општественици, претставници на здруженијата на Македонците од Грција и Србијa.

Од Албанија на настанот учествуваше Јани Колевски, член на Извршниот комитет на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

©Македониум