Македонска алијанса за европска интеграција од плоштадот “Гоце Делчев” во Пустец, Мала Преспа на 26 мај 2013 година, со почеток во18.00 часот ќе ја започни својата изборна кампања за парламентарните избори закажани за 23 јуни во Република Албанија.
На митингот ќе се престават кандидатите за пратеници од Македонска алијанса за европска интеграција за регионите каде што ќе се сконцентрира МАЕИ на овие парламентарни избори и тоа во Корча, Елбасан, Тирана, Пешкопија, Кукс и Драч.
Македонска алијанса за европска интеграција иако е во изборната коалиција „Алијанса за работа, благосостојба и интеграција“ која ја сочинуваат 25 партии, предводена од Демократската партија, настапува со свои 86 кандидати Македонци во сите 12 изборни единици.
На гласачкото ливче, МАЕИ е под број 63, и ќе стои името на партијата и нејзиниот симбол – знамето со шеснаесеткракото сонце, жолто на црвена основа.
Слоганот на Македонскаа алијанса за европска интеграција за овие парламентарни избори е “ОБЕДИНЕТИ И ИНТЕГРИРАНИ”.
Најмногу шанси за освојување на пратеник, Македонска алијанса има во регионот на Корча. Тука МАЕИ за носител на листата ја кандидира др. Валентина Нестор, со потекло од Пустец, лектор по македонски јазик при Универзитетот во Тирана.
Елена Зоркала, советник од Македонска алијанса во градот Билишта и кординатор на Македонска алијанса за регионот на Корча, ќе го води и изборниот штаб на Македонска алијанса за европска интеграција за регионот на Корча.
“Дојдено е време и ние Македонците да имаме наши преставници во албанскиот парламент кој ќе ги штитат интересите на сите Македонци во Албанија. Треба да се обединиме и да ги оставиме албанските партии и да ги гласаме македонските кандидати” – изјави Елена Зоркала за весник Македониум.
По митингот следува концерт со познати имиња од македонската естрада. (Македониум)