Делегација на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), положи свежо цвеќе пред Спомен куќата на Гоце Делчев во Битола и учествуваше на Семакедонскиот собир во Битола по повод 152 години од раѓањете на Гоце Делчев.
На Семакедонскиот собир учествуваа претставници на Македоците од Албанија, Грција, Бугарија, Хрватска како и здруженија и организации од Македонија.
На Семакедонскиот собир поздрави и претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски:
Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки,
Ми претставува особена чест и задоволство, во име на Македонска алијанса за европска интеграција – единствената партија на Македонците во Албанија, да ве поздравам на денешниот семакедонски собир, по повод 152 години од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев.
Денес, со гордост и почит, се сеќаваме на Гоце Делчев, чија самопожртвуваност и храброст се вечен извор на инспирација. Тој не само што се бореше за слободата на Македонија, туку и зазема неизбришливо место во нашите срца и колективната меморија како македонски национален херој. Неговиот пример на храброст и одлучност треба да биде водилка во нашите денешни напори за борба за правата и слободите на македонскиот народ.
Но, дозволете ми да истакнам дека сме сведоци на негирањето и маргинализацијата на македонскиот народ и македонштината. Ова негирање, за жал, не не заобиколува ни нас Македонците во Албанија. Ние, како нераскинлив и неотуѓив дел од македонскиот народ, се соочуваме со предизвици и притисоци кои се манифестираат на различни начини.
Сепак, најалармантна е агресивната политика за асимилација од страна на Бугарија кон македонската заедница во Албанија, особено за време на последниот попис. Бевме сведоци на притисоци, закани и поткупи, врз Македонците во Албанија да се пишат за Бугари, вршени од страна на бугарските власти и екстремистички групи од Бугарија, поддржани од нивните структури во албанските институции.
Во овие тешки времиња, повеќе од било кога, ни е потребно единство и решителност. Нека примерот на Гоце Делчев биде наш водич и инспирација. Ние, како Македонска алијанса за европска интеграција, ќе продолжиме да се бориме за правата и идентитетот на македонскиот народ во Албанија.
На крај, уште еднаш, ви благодарам за вашата поддршка и посветеност кон нашата заедничка кауза. Заедно, сигурен сум дека можеме да го надминеме секој предизвик и да ја зајакнеме македонската нација во духот на Гоце Делчев.
©Македониум