Амбасадорот Марковски: Лекторатот за македонски јазик ќе го задоволи интересот на Македонците во Албанија да го изучуваат својот мајчин македонски јазик

Поздравен говор на македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски на свеченоста на Универзитетот во Тирана по повод ревитализацијата на Лекторатот за македонски јазик.

Почитуван ректор Артан Хоџа
Почитувана ректорке Билјана Ангелова
Почитувана деканке Есмералда Кромида
Почитувана директорке на Меѓународниот институт за македонски јазик Кристина Николовска
Почитувана лекторке Славица Свидерска

Дозволете ми на почетокот да упатам искрена благодарност до деканката проф. др. Есмералда Кромида и продеканката за меѓународна соработка проф. др. Дрита Рира, кои целосно се вклучија во реализацијата на иницијативата за ревитализација на Лекторатот за македонски јазик. Драги професорки ви благодарам.

Денешната церемонија на официјалното отворање на Лекторатот за македонски јазик во рамките на Факултетот за странски јазици при универзитетот во Тирана има повеќестрано значење во рамките на севкупните македонско – албански односи. Етаблирањето на овој образовно – научен сегмент во рамките на Факултетот за странски јазици подразбира и создавање на мошне значајно културно општествено седиште кое што нуди низа можности.

Во прв ред Лекторатот ќе го задоволи интересот на Македонското национално малцинство во Албанија да го изучува својот мајчин македонски јазик на високо образовна институција, а преку него да ја негува неговата култура и национална посебност;

Второ, да овозможи создавање на кадри во делот на образованието и преведувачката сфера. Состојба која во моментот е мошне слаба;

Од поширок аспект успешната работа на Лекторатот ќе има позитивен аспект во делот на билатералната економска соработка, ако се има во предвид континуираното присуство на компании на пазарите од двете држави. Потребата за кадри со познавање на македонскиот јазик во контактите на албанските компании со партнери во Северна Македонија, или во делот на туризмот како туристички водичи низ албанското крајбрежје, се само дел од можностите за кои сум убеден дека ќе најдат интерес и албанските студенти.

Искрено се надевам дека отворањето на Лекторатот ќе претставува нов импулс во соработката на Универзитетот Св “Кирил и Методиј“ од Скопје и Универзитетот во Тирана, како најстари образовни институции. На тоа обврзуваат развиените односи меѓу двете пријателски земји.

Ви благодарам.

©Македониум