Почна со работа граничниот премин Шиштавец – Крушево

Македонците кои живеаат во Албанија во рок од десет дена  добија втор граничен премин. Овој пат се работи за отварање на граничен премин кај Македонците во Шиштавец, Гора.

 

 

Граничниот премин Шиштавец-Крушево денеска беше официјално пуштен од министрите за внатрешни работи на Албанија и Косово, Фламур Нока и Бајрам Реџепи. На церемонијата исто така присуствуваа високи претставници на косовската и албанската полиција, локалните власти, македонски жители од двете страни на границата.

 

Според договорот постигнат помеѓу двете држави граѓаните кои ќе патуваат од една во друга држава ќе поминуваат на една заедничка контрола.

 

“Отворањето на овој граничен премин ќе придонесе полесно движење и соработка на жителите кои живеат во овие рурални области“, изјавија министрите Нока и Реџепи.

 

 

Со отварањето на граничниот премин Шиштавец-Крушевo Македониците од двете страни во Гора ќе можат да соработуваат без гранични пречки, велат од Македонска алијанса за европска интеграција.

 

Пред десет дена беше отворен и граничниот премин Џепиште-Требиште во Голо Брдо.

 

На 22 април 2013 година висока делегација на Македонска алијанса за европска интеграција остварија средба со министерот за внатрешни работи Фламур Нока, каде се договорија за што побргу отварање на три гранични премини во Гора и граничниот премин Џепиште-Требиште кај Голо Брдо. (Македониум)