По повод 80 годишнината од насилно протерување на Македонците на с.Горна Горица од Мала Преспа од страна на диктаторскиот режим на Ахмед Зогу, шеесетина нивни потомци кои сега живеат во Росоман и други места низ Македонија поставија спомен обележје во селото Долна Горица како потсетник за тие случувања.
Собирот на кој присуствуваа и Македонци од околните села во Мала Преспа, ученици и наставници од локалното училиште „Отпорот на горичаните”, го отвори градоначалникот на општина Пустец Едмонд Темелко.
На споменикот од едната страна е изгравирана силуета на жена бегалка, која во раката држи мало дете, а крај неа одат две помали деца. Од другата страна, пак, на македонски јазик е напишано – ”За чест и слава, за храброста и непокорот на Горичаните кои во 1933 година заминаа засекогаш…”. Овој текст е напишан и на албански јазик.
Претходно Советот на општина Пустец донесе одлука за изградба на овој споменик, додека потомците на Горичените го финасираа поставувањето на споменикот.
Голготата, на Македонците од Горна Горица, Мала Преспа во Росоман, Македонија, започнува во 1933 година. Станува збор за околу 600 Македонци од селото Горна Горица во областа Мала Преспа, Албанија, кои албанскиот бег Малиќ Бег со помош на власта на тогашниот крал на Албанија Ахмед Зогу, во 1933 година сите ги брка од селото поради наводно неплаќање данок на Бегот. Малиќ Бег со фалсификати и поддршка, прво на турската власт а после и на албанскиот крал Ахмед Зогу, успева да им ги одземе сите имоти, пасишта, шуми и ниви на Македонците од селото Горна Горица и ги брка од него. Насилно прогонети од своите домови со помош на албанската жандармерија, Македонците од селото Горна Горица околу три месеци спијат под отворено небо во атарот на селото Туминец, исто така во областа Мала Преспа, иако неколкупати судот во Корча донесува одлуки во нивна корист. Патем, судските процеси меѓу Македонците во Мала Преспа и Малиќ Бег започнуваат уште од 1924 година, кога областа Мала Преспа, од под грчка власт, Атина ја разменува со Албанија, како дел од процесот на територијалното разграничување меѓу Албанија и Грција, по нејзиното формирање во 1912 година. Откога не успеваат напорите да се вратат назад во селото, нив ги прима Кралството Југославија, на почетокот населувајќи ги во Косово. После протестите на селаните од Горна Горица да ги населат поблиску до Битола, тогашната југословенска кралска власт ги населува во селата на општина Росоман, каде што и денес живеат, во својата родна татковина Македонија.
Васил Стерјовски
Ngritja e kesaj perkujtimore per keta bura e gra te fshatit Gorice qe luftuan per nje periudhe te gjate me ish beun qe kishte mare tokat e tyre me force, dhe jo vetem me te, por edhe me regjimin e zi te mbretit Zog, i ben nje nder te madh Zones se Prespes. Ata trima qe sakrifikuan cdo gje, qe luftuan per te drejten e tyre nga viti 1925 deri 1933 per ne banoret e Prespes jane krenaria jone,ndaj e meritojne ti kujtojme e ti respektojme.