Во организација на амбасадата на Македонија, синоќа во Тирана, со пијано концерт на познатата пијанистка Ема Попивода беше одбележана 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Албанија.
Пред дипломатскиот кор, претставниците на македонското национално малцинство, бизнис заедницата и истакнати личности од јавниот живот на Албанија, се обрати амбасадорот Данчо Марковски, кој високо ги оцени односите и соработката меѓу двете земји.
„Географијата нѐ прави соседи, историјата пријатели, економијата партнери, неопходноста сојузници. Се надевам дека во наредните години следните генерации ќе бидат насочени кон проширување на бизнисите, фокусирање на уметноста и културата и ќе процветаат во размена на студенти и туристи“, рече амбасадорот Марковски.
Сепак, работата не е завршена, вели македонскиот амбасадор во Тирана. Тој охрабрува дека во наредните години очекува натамошно збогатување на пријателските врски меѓу македонскиот и албанскиот народ, натамошно подобрување на статусот на македонското национално малцинство во согласност со позитивните европски практики и надминување на досегашната трговска размена од 300 милиони евра.
„Се надевам дека во годините што доаѓаат, идните генерации ќе се фокусираат на проширување на бизнисите, ќе се фокусираат на уметноста и културата и ќе напредуваат на размена на студенти и туристи. За ова постои искрена политичка волја и потенцијал и во Скопје и во Тирана“, го заврши својот говор амбасадорот Марковски за 30-годишнината од дипломатските односи меѓу нашите две земји.
Пијанистката Попивода потоа го изведе уникатниот музички проект „Македонски ноктурна“, кој содржи дванаесет композиции напишани за соло пијано од македонскиот композитор Димитрие Бужаровски, кои се темелат на македонски народни песни.
Уникатните етно звуци на специфичните ритми карактеристични за македонската народна музичка традиција наидоа на мошне добар прием кај присутните гости, за кои потоа следуваше пригоден коктел.
Дипломатските односи меѓу Македонија и Албанија, се воспоставени на 24 декември 1993 година.
©Македониум