ФЕТАХУ: ВО ГОЛО БРДО ЖИВЕАТ ГОРДИ МАКЕДОНЦИ

Јас сум горд Македонец! Ниту се срамам, ниту се кријам! Тоа јавно и јасно сум го велел и го велам. Тоа во нас го всадиле нашите родители, а ним нивните и како светост тој аманет го пренесуваме од генерација на генерација, – изјави за Македонскиот весник “Илинден”, Фатри Фетаху, дипломиран економист, жител на село Требиште во областа Голо Брдо.

Фатри Фетаху е познат активист за правата на Македонците во Албанија и претседател на огранокот за Голо Брдо на Македонското друштво “Илинден“ од Тирана.

Фатри Фетаху во име на жителите на областа Голо Брдо порачува дека е “време да се каже доста, на провокациите и притисоците од страна на Владата во Софија и да престане да бара нација и народ таму кадe што Бугари нема!”

– Ја повикуваме Бугарија да не ја злоупотребува тешката економска положба на регионот населен со чисто етнички Македонци. Тоа не и’ доликува на држава земја членка на Европската Унија! Делат пасоши и ги уценуваат Македонците да се попишат за Бугари. Ја прашуваме Бугарија, што ќе делеше и со што ќе уценуваше доколку Албанија или Македонија веќе беа членки на Европската Унија? Одговорот е многу едноставен: Софија ќе немаше што да понуди, – револтирано нагласува Фатри Фетаху.

– Не само јас, туку и сите ние потврдуваме, дека сме Македонци, – гордо вели Фатри Фетаху.

– Сме биле Македонци, сме Македонци и ќе останеме само Македонци, – порачува Фатри Фетаху во име на жителите на областа Голо Брдо.

До падот на тоталитарниот режим, во 22 населени места во областа Голо Брдо, населението броело над 35 илјади Македонци од двете конфесии, православни и муслимани, иако Македонците никогаш не се делеле по верска основа. Едноставно велат дека се Македонци, само Македонци и ништо друго освен Македонци. Во областа Голо Брдо многу мал процент има и Албанци. Поради миграцијата, во областа Голо Брдо денес има помалку од 10 илјади жители.