Марковски: Потребно е да се исправи екстремниот дисбаланс во образованието на Македонците во Албанија

Во рамките на прославата на „Европскиот ден на јазиците“, Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана организираше меѓународен собир на тема: Перспективите на странските јазици и култура во албанскиот контекст. На настанот покрај организаторот, учествуваа амбасадори и културни аташеи од петнаесетина држави.

Амбасадорот Марковски во однос на перспективите на македонскиот јазик и култура го истакна следното: Кога говориме за македонскиот јазик и култура во албански контекст потребно е да имаме во предвид неколку значајни компаративни факти кои ќе ни овозможат полесно да дојдеме до саканиот одговорот и заклучоци:

Прво, македонскиот јазик многу одамна е присутен и се говори во Албанија од страна на Македонците кои што живеат на овие простори, исто како што Албанците говорат албански јазик на просторот на Северна Македонија. Од друга страна, овие две национални заедници говорат и македонски и албански, со оглед на близината на границата која само физички ги дели териториите на двете држави. Така било со години наназад.

Второ, изучувањето на македонскиот јазик во образовниот систем на Република Албанија е воведен во основните и средните училишта веднаш по завршувањето на Втората светска војна во пограничните области на Гора, Голо Брдо и Мала Преспа. Слична е состојбата со албанскиот јазик во споменатиот период, но за разлика од Албанија во Северна Македонија денес албанскиот јазик се изучува во основното, средното и високото образование. Постојат два државни и еден приватен универзитет, за разлика од тука каде што имаме ограничено основно и средно образование само во една општина Пустец.

Трето, демократските процеси овозможија интензивна билатерална соработка на сите полиња и значително патување и меѓусебна комуникација на населението во едната или другата држава.

Во последните години забележлив е трендот на културната соработка. Согледувајќи ја потребата за натамошно збогатување на овој вид соработка Северна Македонија пред скоро три години во Тирана го отвори Културно информативниот центар, чија улога е приближување на македонската култура пред албанската јавност. Постигнато е високо ниво на етаблираност за успешен развој на македонскиот јазик и култура.

Но, во однос на образованието потребно е да се исправи актуелниот дебаланс, нешто на што убеден сум дека албанските образовни власти ќе поработат во блиска иднина. Во оваа смисла примерот на Факултетот за странски јазици искрено го поздравувам. Отворањето на класови во сите три степена на образование, како и давањето можност за воведување на македонскиот јазик како изборен предмет во училиштата во голема мера ќе ја промени сегашната слика.

©Македониум