ХРИСТО ЦВЕТКОВ, МАКЕДОНСКИ ВОЈВОДА КОЈ ДЕЈСТВУВАЛ И ВО АЛБАНИЈА

Пред 89 години, во Септември 1934 завршува животниот пат на македонскиот војвода Христо Цветков.Роден е во 1877 година во Кономлади, Костурско, Егејскиот дел на Македонија.

Во 1900 година станува член на ВМРО, а во 1903 е учесник во Илинденското востание. По востанието останува во Македонија и продолжува да води борби против грчките андартски чети и грчката пропаганда во Македонија. Во 1907 година е назначен за војвода во Костурско и собира чета од 30 комити.

На 14 јули 1907 комитите на Цветков учествуват во познатата битка На Ножот, при што скоро целата чета загинува.

Христо Цветков се борел и во Балканските војни 1912-1913, како и илјадници други Македонци кои мислеле дека Балканските војни се водат за ослободување на Македонија од турското ропство, а подоцна се покажало дека Македонците биле измамени од соседните држави, а Балканските војни не биле водени за ослободување, туку за ново поробување и поделба на Македонија меѓу соседите.

Но Цветков не се откажал од борбата за македонската кауза. Во 1921 година се вклучува во редовите на Македонската Федеративна Револуционерна Организација (МФРО), која за се борела за создавање независна Македонија. Федералистите се собирале на состаноци дури и во Тирана, Албанија, каков што бил собирот на кој учествувале Христо Цветков, Филип Атанасов, Павел Христов, Ангел Поп Василев и Крум Зографов.

На 15 мај 1923 година четите на Христо Цветков и Иван Филев водат борба против грчките чети кај селото Корешта, Костурско, по што се повлекуваат во Албанија.

Поради прогонствата, Цветков едно време ќе живее и дејствува во Виена, каде во тоа време делувале многу македонски револуционери, и тој таму ќе биде во контакт со Филип Атанасов, Славе Иванов и Георги Занков.

Токму во Виена ќе биде формирана ВМРО Обединета, во чиј устав јасно ќе биде запишано дека Организацијата се бори за формирање на слободна и независна Македонија во нејзините географски граници.

Од 1 до 11 Октомври 1925-тата, се одржува основачка конференција на ВМРО Обединета во Виена.
На конференцијата присуствувале:

1. Владимир Поп Томов претставник на Македонците од Пиринска Македонија.
2. Христо Јанков претставник на Македонците од Егејска Македонија.
3. Ризо Ризов претставник на Македонците од Вардарска Македонија,
4. Димитар Влахов претставник на старото ВМРО
5. Георги Занков претставник на Илинденската организација.

Во Централниот комитет на ВМРО Обединета ќе влезе и Панко Брашнаров, а во раководните структури ќе биде и легендарниот гемиџија Павел Шатев.

На крајот од oсновачкиот конгрес ВМРО Обединета ќе издаде декларација во која стои дека:

„Принципите на новата револуционерна борба прокламирана со Манифестот се основата за обединување на македонскиот народ. Врз основа на тие принципи денес се обединува македонското револуционерно движење. А обединувањето на македонското револуционерно движење во единствена револуционерна организација, означува крај на борбата помеѓу различните македонски организации и групи, дека тоа не е само свршен акт во обединувањето на македонското револуционерно движење туку и свршен дело во изградувањето на единствениот македoнски револуционерен фронт.“

Конференцијата прогласила дека надвор од новата организација друга македонска организација во македонското ослободителното движење не постои.

Основачите кон старото име ВМРО ја придодале и придавката Обединета со што сакале да нагласат дека процесот на обединување на патриотските сили е завршен и дека се она што е надвор од организацијата е деградирано и нема никакво право да биде претставник на македонскиот народ и неговата борба за слобода.

На тој начин била направена разлика помеѓу новата ВМРО Обединета и пробугарската ВМРО на Ванчо Михајлов.

Христо Цветков станува член на ВМРО Обединета, како и најголемиот дел од припадниците на поранешната Македонска Федеративна Револуционерна Организација (МФРО), односно ВМРО Обединета ќе биде продолжение на МФРО која згаснува во 1925.

Цветков во ВМРО Обединета ќе го зачлени и македонскиот револуционер Крсто Љондев, од Неокази, Леринско, кој претходно бил член и на Македонската федеративна организација, а кој ги дистрибуирал весниците „Македонско дело“ и „Македонска свест“.

Христо Цветков заедно со Лазар Поповски, во почетокот на 1926 година прават напори да организираат база на ВМРО Обединета во Албанија.

За таа цел тие есента 1926 ќе отпатуваат во Тирана, но нивната мисија ќе остане без успех, затоа што многу од македонските револуционери кои делувале во Албанија биле уапсени од власта.

Христо Цветков својот живот го завршува во селото Ново Кономлади, Петричко, Пиринскиот дел на Македонија, каде што умира во Септември 1934 година.

Селото Ново Кономлади во Пиринска Македонија било основано од доселеници од Кономлади, Егејскиот дел на Македонија, родното село на Цветков.

ВЕЧНА МУ СЛАВА НА ГОЛЕМИОТ МАКЕДОНСКИ РЕВОЛУЦИОНЕР!

©Македониум