Со Академија која се одржа во Македонската академија на науките и уметностите, здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, ја одбележа 75 годишнината од егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.
Поздравна телеграма до академијата упати почесниот претседател на Шестата светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија доктор Лефтер Манче од Канада.
Во поздравната телеграма до академијата од доктор Лефтер Манче, се вели:
“Драги браќа и сестри Македонци, драги прогонети деца од Егејскиот дел на Македонија, горд сум, затоа што и после 2008-ма и 2018-та година, повторно сум избран за почесен претседател на Шестата светска средба на насилно прогонетите деца Македонци од Егејскиот дел на Македонија, иако знаевте дека не можам да дојдам поради здравствени причини.
Ме радува што со Вас е мојот пријател архимандрит Царкњас, голем патриот, со кого преку 30 години се бориме за името на државата Македонија. Македонија има и други големи патриоти, ама тие не се меѓу живите, животот си го дадоа за слободата на Македонија.
Македонија и Македонскиот народ се исправени пред тешки предизвици и искушенија. Повеќе од 30 години се делиме на леви и десни, а при формирањето на Влада бараме помош од националните малцинства кои се обединети по нивните национални интереси.
Во такви услови, нашата влада зависи од други. За жал, не учиме од Грците и Албанците кои не се делат по националните интереси. Ќе го задржам вашето внимание на еден многу важен податок. Предавничкиот договор Димитров-Коѕиас не беше потпишан во Атина или Скопје, туку во Преспа. А, знаете зошто? Затоа што во Нивици, на 31 јануари 1949 година, на Четвртиот пленум на Комунистичката партија на Грција и на 26 март истата година на Вториот конгрес на Народно ослободителниот фронт, лично генералниот секретар на Комунистичката партија на Грција, Никос Захаријадис, на 700 македонски делегати, дури и од Пиринска Македонија, им вети: Ако ДАГ победи, тогаш Вие Македонците ќе имате право да се отцепите од Грција и да се обедините со Народна Република Македонија!
После март 1949 година, преживеаните борци од битката за Лерин беа испратени на Грамос, за убиени да бидат со напалм бомбите. За истата цел, 300 прогонети деца од 14 до 16 години, после куса обука во Романија, преку Југославија, во мај 1949 година беа испратени во Преспа. Таму една мајка од селото Кономлади, костурско, која помагаше да се носат ранетите партизани, го виде во групата својот син и извика ‘Јане, на мајка, што бараш тука? Ти треба да си во Романија!’ А, Јане, одговори ‘Мајко, дојдовме да ја ослободиме Грција и Македонците од монархофашистите!’ Мајките се обраќаа до Политбирото на Комунистичката партија на Грција, кое беше сместено во Нивици, Преспа… Ако ги пратат децата во борбите, тие нема да и’ помогнат на Демократската армија на Грција – ДАГ. Така, останаа 2 до 3 месеци во Преспа. После, преку Албанија беа испратени на албанско-грчката граница и од нив 150 беа пратени во Тесалија под команда на Харилаос Флоракис, кој подоцна стана генерален секретар на Комунистичката партија на Грција. Токму Флоракис, во Солун, во 1984 година, рече ‘За нас повеќе не постои македонско прашање!’ Другите 150 деца се спасија, затоа што кога стигнаа на границата на 29 август 1949 година, се сретнаа со партизаните кои им рекоа ‘Грамос гори од напалм бомби и падна во рацете на грчката армија!’
И најважното, причината зошто Преспанскиот договор беше потпишан во Нивици, Преспа, каде што беше и седиштето на Политбирото на Комунистичката партија на Грција? Со потпишувањето на Договорот Димитров-Коѕиас во Нивици, Ципрас како поранешен комунист, сакаше да го избрише ветувањето на грчките комунисти на Македонците.
Јас можеби сум последното прогонето дете кое се уште зборува грчки. Ги следам настаните на грчките телевизии, како што и тие ме следат мене во Охрид и во Будимпешта. После договорот во Преспа, Мицотакис му рече на Ципрас ‘Ти му даде се’ на Скопје!’ А, Ципрас му одговори ‘Ако ти беше место мене, ќе потпишеше со двете раце!’ Мицотакис му рече ‘Има некои добри работи, ама ако ние дојдеме на власт има што да поправиме!’
Неодамна, грчкиот народ му даде двапати повеќе гласови на Мицотакис за да го исправи тоа што го потпишал Ципрас, иако се’ уште не е дојдено времето. Сега Грција чека Бугарија да одработи против нас Македонците. Кога Македонија ќе ги исполни сите 35 поглавја на Европската Унија, тогаш секој парламент ќе мора да даде зелено светло за Македонија да стане членка на Европската Унија, но грчкиот парламент ќе не блокира, поради тоа што Договорот од Преспа и’ дава за право само на Грција да го употребува зборот Македонија. Кога ние ќе се обратиме до тие држави кои ни помогнаа да го смениме името, оттаму одговорот ќе биде ‘Ништо не можеме да сториме! Тоа не го прави грчката влада, туку грчкиот парламент! А, ние не можеме да се мешаме во одлуките на грчкиот парламент.’ Тогаш ќе се јави Мицотакис, ќе побара од името ‘Северна Македонија’ да отпадне зборот Македонија. Дури и ќе ни понудат ново име ‘Централна Словенска Република’ како што има ‘Централна Африканска Република’.
Почитувани, иако бевме 250.000, во ДАГ 1/3 од борците беа Македонци. Грците кои беа 7 милиони, во ДАГ дадоа 2/3 борци. Нас Македонците не’ лажеа да излеземе во планините, а грчките комунисти наместо во планини, решија да одат во затвори. Комунистичката партија на Грција знаеше дека наш сон е да се обединиме со нашите браќа во Народна Република Македонија и живот дававме за тоа.
Сега, некои во Република Македонија сакаат да не’ стават во Уставот, но не како Македонци, туку како Егејци. Ако ми дозволи здравјето ќе дојдам да бидам со Вас и да се борам за нашите права, а оттаму, мој последен пат ќе биде кон Бутел. Пред 15 години мојот пријател и голем патриот Блаже Ристовски, кога ми беше гостин во Будимпешта, ми рече да му дадам пари да ми купи гроб до неговиот, за секоја ноќ да дискутираме за историјата на нашата Македонија, зашто тој е историчар. Ама ми рече, дека и јас ја знам големата историја на нашата татковина Македонија.
Почитувани браќа и сестри, главата горе! Ако сме обединети во овие тешки времиња за Македонија, пак ќе останеме само Македонци! Поздрави од Канада! Ваш брат, Македонец Лефтер Манче!“.
Д-р Лефтер Манче е еден од малите великани, кои го поминаа македонскиот дел од пеколот, ги изодеа македонските планини, Европа и Светот, но никогаш, каде и да се не заборавија дека тие им припаѓаат на своите села, градови и на свoјата родна грутка Македонија.
©Македониум