ДЕНОТ НА МУЗЕИТЕ ОДБЕЛЕЖАН ВО МАЛА ПРЕСПА СО ИЗЛОЖБАТА “ГРАДСКИ КОСТИМИ”

По повод 18 Мај Меѓународниот ден на музеите во Музејот на Стерјо Спасе во село Глобочани, Мала Преспа, Албанија, беше поставена изложбата “Градски костими”, чиј автор е Наде Геневска Брачиќ, етнолог советник.

Изложбата се реализираше во рамките на проектот SMART4YOU2, а во соработка помеѓу Националната установа “Завод и музеј” – Битола и Директоратот за културно наследство – Корча, како дел од партнерството кое го сочинуваат и Општина Битола, Општина Пустец и Младинскиот културен центар од Битола.

Проектот SMART4YOU2 се имплементира во рамките на ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија и е ко-финансиран од страна на Европската унија и Министерството за локална самоуправа.

На отварањето на изложбата се обратија градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, директорот на Директоратот за културно наследство на Корча, Аманда Чичи, директорот на НУ “Завод и Музеј” – Битола, д-р Мери Стојанова, како и авторот на изложбата, Наде Геневска Брачиќ.

На изложбата присутвуваа поголем број на посетители кои со огромен интерес ја проследија изложбата и дискутираа околу поединечни облековни елементи и костими што претставуваат значаен дел од македонската традиција и култура.

©Македониум